Филипче: Донесени мерки за продолжениот првомајски викенд, да ги почитуваме мерките за да го вратиме нашиот живот во нормала

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција ги информираше граѓаните со најновите информации за состојбата со КОВИД-19.

„Денеска се регистрирани 36 оздравени пациенти, во: Скопје - 19, Куманово - еден, Штип - пет, Прилеп - четири, Тетово - еден, Струга - еден, Велес - три, Гостивар - два.

За жал имаме 6 пациенти, коишто се починати, двајца пациенти од Прилеп, на Клиниката за инфективни болести, едниот на 58-годишна возраст се лекувал таму од 19-ти април, а другиот на 63-годишна возраст се лекувал од 9-ти април. Во Градската општа болница „8-ми Септември“, тројца пациенти, двајца од Скопје. 75-годишен пациент примен на 26-ти април и пациент на 58 години со претходни заболувања, како и пациентка од Тетово на 51-годишна возраст, хоспитализирана на 12-ти април. Пред два дена, почината е пациентка на Клиниката за онкологија, на 71 година, нејзиниот позитивен резултат е стигнат во текот на вчерашниот ден“, информираше министерот Филипче.

Во изминатите 24 часа направени се 362 тестирања, регистрирани се 22 нови случаи, и тоа во: Скопје - 11, Куманово - 2, Струга - 1, Велес - 3, Кавадарци - 2, Гостивар - 2 и Неготино - 1. Со овие нови случаи, вкупната бројка на случаи во нашата земја изнесува 1.421, оздравени досега се 589, односно 761 активен случај.

„На Клиниката за инфективни болести се примени пет пациенти, вкупно 52 хоспитализирани, тројца критични на механичка вентилација, 25 други со потешка клиничка слика. Во болницата „8-ми Септември“ три нови приеми, со потешка клиничка слика тројца, а на респираторна машина вкупно шест пациенти. Во болницата во Битола, шест пациенти стабилни, во Штип двајца. На останатите инфективни одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар, Охрид и Тетово, вкупно 46 пациенти“, потенцираше министерот Филипче.

 

 

Тој додаде дека на денешната владина седница биле разгледувани и донесени мерки коишто ќе важат за продолжениот првомајски викенд.

„На први, втори и трети мај, односно во петок, сабота и недела ќе биде дозволено движење на граѓаните од 05:00 часот наутро до 14:00 часот. Забраната за движење на територијата на целата држава значи почнува од 14:00 часот до 05:00 часот наутро следниот ден. Притоа, двете возрасни групи се одделени. За лицата над 67 години во петок, сабота и недела е дозволено движење од 05:00 часот наутро до 11:00 часот, а на лицата до 18 години во петок, сабота и недела движење од 12:00 до 14:00 часот. Со ова, граѓаните имаат доволно време во претпладневните часови и да прошетаат и да ги набават потребните намирници, без притоа да се создаваат гужви. Повторно апелирам, мора задолжително да се носи заштитна маска за лицето, прекривка на устата, носот, онака како што е пропишано во затворен простор, или на отворено, ако не може да се одржи препорачаната дистанца од два метри“, рече министерот Филипче.

Тој посочи дека сите имаме подеднаква одговорност, секој кон себе, но и кон останатите, не смее да се дозволи и сега да се доведе во прашање она што досега заедно сите го издржавме и го надминавме можеби и најтешкиот период, најголемиот предизвик.

„Навистина направивме многу, нашите сегашни анализи укажуваат на тоа дека факторот на трансмисија генерално на целата земја е под еден, меѓутоа правиме детални анализи за одредени региони во земјата и чекаме уште неколку денови да видиме каков ќе биде трендот на новодијагностицирани пациенти. Со сите тие мерки досега, ја израмнивме кривата на епидемијата, не го оптоваривме здравствениот систем. Ќе повторам, имавме линеарен број на случаи и еве секој ден голем број на оздравени. Само и единствено ако лично секој граѓанин се заложи и даде свој придонес во доследно почитување на мерките, ние ќе го задржиме овој тренд, и ќе ја надминеме оваа состојба и постепено ќе го вратиме нашиот живот во нормала“, истакна министерот Филипче.