Промовирана новата медицинска опрема на хируршката клиника „Св.Наум Охридски“
Апарати за компјутерска томографија и магнетна резонанца кои се дел од новата медицинска опрема беа промовирани денеска на хируршката клиника „Св.Наум Охридски“ во Скопје (поранешна Градска болница).
На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров.
- Имавме можност да се увериме со искористеноста на апаратите кои се инсталирани и веќе се во функција во хируршката клиника „Св.Наум Охридски“ во Скопје. Досега има огромен број пациенти кои добиле дијагностичка услуга на овие два апарати. На компјутерскиот томограф се прегледани повеќе од 1.700 пациенти, а на магнетната резонанца околу 700 пациенти, рече Тодоров.
Со инсталирањето и ставањето во функција на магнетната резонанца и компјутерскиот томограф на хируршката клиника „Св.Наум Охридски“ и инсталирањето на вакви апарати во Градската општа болница „8 Септември“, покрај веќе инсталираните во Универзитетскиот клинички центар, значително се намалија листите на чекање и се забрза процедурата на дијагностицирање на болестите, посочи Тодоров.
Тој истакна дека на хируршката клиника „Св.Наум Охридски“ функционира електронската апликација за електронско закажување и оти според информација што ја добил, за преглед се чека не повеќе од еден месец.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има доволно кадар во целост да се искористат двата апарата, рече дека „кадар никогаш не е доволен особено во здравството, но бројките говорат дека одлично се користат“.
- На Клиниката за стоматологија нема наставен кадар, а во ист момент има над 20 доктори на науки кои не се избрани во звање. Во наредниот период тоа треба да биде прашање кое ќе биде решено бидејќи титулата која ја стекнале - доктор на наука треба да се валоризира. Моја препорака и до Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет е сите лица кои се стекнале со научни звања да бидат избрани во наставно научни звања и на тој начин да не прави законски проблем во функционирањето на клиниките, рече Тодоров.
Нагласи дека ќе направат и измена во Законот за здравствена заштита, кој е во собраниска процедура и предвидува да има скалесто зголемување, наместо досегашните пет да има минимум двајца доктори на науки оваа година, тројца наредната, потоа четворица, па пет.