Се интензивира македонско-британската соработка
Земјоделството, градежништвото, финансиските услуги, осигурувањето, информатичката технологија, безбедноста на патиштата и иновациите се потенцијалните сфери за реализирање нова и интензивирање на постоечката македонско-британска бизнис соработка, беше истакнато на денешниот форум за мрежно поврзување на компании од двете земји.
Со поддршка на Сојузот на стопанските комори и Амбасадата на Обединето Кралство во Скопје, во рамки на форумот директни средби остварија 45 македонски и 16 британски фирми.
Како што оцени вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, соработката меѓу Македонија и Англија станува се поинтензивна. И досега беше на многу високо ниво, особено меѓу Владата и Амбасадата.
Британски инвестиции беа најавени уште во текот на посетата на војводата од Кент, но во детали ќе се зборува кога тие ќе се случат.
- Војводата од Кент кој ја посети Македонија имаше средби со бизнис делегации. Тогаш почнаа и определени контакти кои очекуваме наскоро да резултираат со конкретни инвестиции. Ние лани во Лондон ги презентиравме можностите за инвестирање, а за еден месец повторно ќе учествуваме на бизнис форум и ќе посетиме неколку градови во Англија. Целта е да се овозможат и да се водат директни разговори меѓу компании за соработка, но и за зголемување на трговската размена и на трансферот на знаење, рече Пешевски.
Британската амбасада ја поддржува македонската Влада со неколку проекти меѓу кои и оној за проценка на регулативата врз влијанието на бизнисот кој предвидува пред носење на секој закон да се прават детални анализи за ефектите од неговата имплементација.
- Британските бизнисмени се дојдени да ги согледаат инвестициските и бизнис можностите што ги нуди Македонија. Очекуваме да остварат преку 100 директни средби со нивни македонски колеги. Поголемата трговска сопработка ќе биде од полза за двете земји, рече амбасадорот на Велика Британија Кристофер Ивон.
Велика Британија доживува економски пораст, се зголемува и извозот.
- Затоа дојдовме тука. Бараме можности за ширење нови пазари. Сакаме да видиме каков патнер е Македонија за соработка, изјави Ник Овен, британски бизнисмен.
Денешниот настан за вмрежување на компаниите е продолжение на ланскиот проект „UK Chamber to MK Chamber event“ преку кој се оствари институционална рамка за поинтезивна економска соработка меѓу 9-те стопански комори од Велика Британија и македонските стопански комори.
- Резултати има зашто ова е проект што се работи веќе четири месеци. Ги идентификуваме фирмите кои имаат извозен потенцијал и кои можат да понудат соработка за заедничко вложување или евентуално британско инвестирање во Македонија, изјави Митко Алексов од Сојузот на стопанските комори.