Владина делегација оддаде почит и положи цвеќе на гробот и споменикот на Гоце Делчев по повод 117-годишнината од смртта

Владина делегација предводена од заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за образование и наука, Арбер Адеми и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, положи свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје и оддаде почит на големиот македонски револуционер.
 
По повод 117-годишнината од смртта на идеологот и водач на револуционерното национално ослободително движење, владината делегација положи венец со свежо цвеќе и пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

Ликот на Гоце Делчев, кој загина на 4 мај 1903 во с. Баница, останува запаметен како обединувач и визионер, кој пред повеќе од еден век порача дека „Светот го разбра како поле за културен натпревар на народите“ и таа порака сплотува и мотивира за почитување и унапредувања на правата во сопствената држава и пошироко со сите народи.