Над 19.000 компании досега аплицирале за мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април и мај во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник преку која се овозможува континуитетот на работните процеси, се обезбедува основа за редовна исплата на плати и придонеси, при што се создаваат сериозни услови да се сочуваат работните места.
Бројката на компании кои аплицирале е исклучително висока и охрабрувачка, особено ако се има предвид дека до крајот на рокот за аплицирање остануваат уште два дена, денешниот и целиот утрешен ден (четврток) до 24:00 часот, и се очекува дека за мерката ќе аплицираат голем процент од компаниите кои ги исполнуваат условите.
Аплицирањето за оваа мерка започна на 1-ви мај, и до сега, само во овие неколку дена, и покрај празникот и викендот, во Управата за јавни приходи се пристигнати нешто повеќе од 19 илјади апликации, што говори за големиот интерес за мерката.
Владата на Република Северна Македонија уште еднаш ги повикува сите компании кои сè уште немаат аплицирано за оваа финансиска поддршка, да го направат тоа што побргу преку системот за е-даноци на УЈП.
Остануваме фокусирани да им се помогне на што повеќе граѓани, да се зачуваат што повеќе работни места, да се поддржат компаниите и да се подготвиме за рестарт на нашата економија по завршувањето на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот КОВИД-19.