Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција во Владата информираше за реализација на мерките и Програмите на Министерството за економија.
Од почетокот на годината како што информираше министерот, Министерството за економија објави неколку јавни повици за поддршка на стопанството преку Програмата за конкурентност и иновации, Програмата за енергетска ефикасност и Програмата за индустриска политика.
Денеска сакам да информирам за поддршката која континуирано ја даваме со реализација на овие програми.
„Од Програмата за енергетска ефикасност сакам да ве информирам дека е спроведен јавниот повик за субвенции на печки на пелети. Од оваа мерка оваа година субвенции добија вкупно 454 граѓани кои аплицираа заклучно со крајниот рок 6-ти март во вкупен износ од 10,7 милиони денари. Вкупно 20 од граѓаните кои добиле субвенции за печки на пелети се домаќинства ниски примања за што е предвидена субвенција од 75% од средствата, но не повеќе од 25.000 денари. Останатите домаќинства беа поддржани со 50% од трошоците за набавка на печки на пелети, но не повеќе од 20.000 денари“, кажа Бектеши и додаде дека до 8-ми мај ќе бидат објавени листите на добитници и ќе бидат изготвени решенијата за исплата.
Бектеши исто така информираше дека од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво од почетокот на годината беа објавени и реализирани пет јавни повици и тоа:
Завршен е јавниот повик за субвенции за занаетчии при што оваа година субвенционирани се вкупно 43 занаетчии и вршители на занаетчиска дејност во вкупен износ од 4.47 милиони денари. Исто така минатата недела на 30-ти април заврши јавниот повик за кофинансирање на проекти на занаетчиските комори за развој и промоција на занаетчиството.
Вкупниот буџет е 1.74 милиони денари. Следи евалуација на пристигнатите апликации и потпишување на договори за имплементација на проектите.
„Во делот на поддршка на занаетчиството сакам да информирам дека сè уште е отворен јавниот повик за субвенционирање на трошоци за ангажирање на чираци, која е нова мерка произлезена од барањата на занаетчиските комори. Јавниот повик е отворен до 20-ти јули, а вкупно се за ова намена се предвидени 300.000 денари“, кажа министерот.
Во делот на поддршка на компаниите министерот Бектеши информираше дека е завршен јавниот повик за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија.
„Од оваа мерка, оваа година субвенционирани се вкупно 55 претпријатија во вкупен износ од 14 милиони денари“, истакна Бектеши и ги повика сите жени да аплицираат на јавниот повик за финансиска поддршка за женско претприемништво кој трае до крајот на месец мај, за што се обезбедени 1.5 милиони денари.
„Во делот на мерките за индустриска политика, сакам да ги повикам сите преработувачки капацитети да аплицираат на јавниот повик наменет за преработувачката индустрија. Крајниот рок за аплицирање за оваа мерка е 31-ви јули, а предвидени се 4.5 милиони евра за поддршка на претпријатијата за развој на деловниот субјект, развој на производ и развој на пазар“, констатираше Бектеши и ги повика сите компании да ја искористат поддршката што ја дава Владата за справување со оваа корона криза и да аплицираат за мерките за поддршка на економијата.