Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска учествуваа во работата на Самитот на ЕУ и Западен Балкан преку видео конференција, кој оваа година се одржува во организација на Република Хрватска како актуелен претседавач на Европската Унија.
На самитот, лидерите на земјите членки на Европската унија и лидерите за земјите од Западен Балкан дискутираа за соработката за справување со коронавирус КОВИД-19, за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и посветеноста на земјите од Западен Балкан на европските вредности и реформи.
Обраќањето на премиерот Спасовски на пленарната сесија на видео конференцијата на Самитот ЕУ/Западен Балкан загреб 2020, ви го пренесуваме во целост:
Почитувани екселенции,
КОВИД-19 заразата во изминатите месеци сите заедно не соочи со суров избор помеѓу животот и смртта на нашите граѓани и опстанокот на нашите економии. Загрепскиот самит се случува во вистинско време, кога Европа најпосле забележува намалување на ширењето на заразата и олабавување на рестриктивните мерки. За момент можеме да здивнеме и да ги направиме првите биланси но и да поразговараме за идните очекувања и заеднички чекори. Сакам да изразам искрена благодарност до нашите Хрватски пријатели, лидерите на ЕУ институциите и лидерите на земјите членки на ЕУ за можноста да го одржиме овој самит макар и во видео конференциска форма што стана наша секојдневна реалност. Овој “Загрепски“ самит е симболичен бидејќи точно пред 20 години исто така во Загреб беше одржан првиот од серијата самити на кои се отвори европската перспектива за земјите од регионот.
Новиот коронавирус предизвика пустош и не соочи со несогледливи предизвици но донесе и нешто позитивно - јасно покажа дека Европскиот континент има заедничка судбина. Начинот на справување со заразата покажа дека споделуваме иста административна култура и пракси но го подвлече и високото ниво на социо-економска меѓузависност помеѓу ЕУ и економиите на ЗБ, како и помеѓу земјите во самиот регион. Благодарни сме за видливо демонстрираната солидарност и помош од страна на ЕУ во форма на итна поддршка за здравствениот сектор, финансиски пакет за соочување со социо-економските последици како и макро финансиската помош која ќе биде нивно важно надополнување. Високо го цениме и обезбедениот пристап без преседан до останатите ЕУ механизми и инструменти како и заедничките напори безбедно да ги вратиме нашите затекнати граѓани дома. Благодарни сме што на овој начин ЕУ ги третира нашите држави како да сме речиси дел од Унијата. Тоа ни дава чувство на сигурност дека заедно ќе се справиме со товарот на кризата. КОВИД-19 заразата несомнено ќе продолжи да ја тестира нашата одлучност и сега најважно е да ги фокусираме напорите за опоравување и надминување на економско социјалните последици кои се длабоки во сите наши земји.
Во оваа смисла најавениот Економски и Инвестициски План за Западен Балкан од страна на Европската комисија кој се планира да се објави во текот на есента ќе биде од голема важност за поддршка на развојот на приватниот сектор, транспортното и енергетско поврзување, дигитализацијата, зелената агенда и социјалните инвестиции во регионот на Западен Балкан. Подготвени сме од наша страна веднаш да ја информираме Комисијата за зрелите инфраструктурни проекти со регионална димензија кои се дел од нашите стратешки планови и да се обврземе да работиме заедно со вас за нивна реализација. Овдека би сакал да издвојам неколку проекти кои делумно веќе се планираат или спроведуваат:
- Проекти за транспортно поврзување со нашите соседи и тоа во железничкиот сообраќај со Бугарија и Албанија и автопатниот сообраќај со Косово,
- Енергетскиот гасен интерконектор со Грција,
- Развој на дигиталната економија и на зелениот раст,
- Поттик на трговијата и туризмот во регионот на Западен Балкан.
Како што веќе добро знаете, Северна Македонија во последните 3 години реши сериозно да заврти нови страници во својата историја. Излеговме од длабока политичка криза и ги возобновивме демократските институции и владеењето на правото. Испорачавме конкретни и одржливи резултати во спроведувањето на ЕУ поврзаните реформи и во добрососедските односи. Станавме 30-та членка на НАТО и под ваше водство добивме одлука за почеток на ЕУ пристапните преговори.
Подготвени сме за следните чекори и ќе работиме посветено со Комисијата и ЕУ Советот што поскоро да ја закажеме Првата Меѓувладина конференција која ќе го означи практичниот дел од преговарачкиот процес согласно новата методологија. Би сакал во оваа прилика уште еднаш да ве уверам дека Северна Македонија ќе остане посветена на фундаменталните реформи и ќе продолжи да придонесува за Европската безбедност. Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија се нашиот влог во идната заедничка Европска иднина при што ќе биде од исклучително значење да продолжиме да ги спроведуваме со добра волја подеднакво од наша страна како и од страна на засегнатите земји членки.
КОВИД-19 заканата не натера на поблиска соработка и нас самите, земјите во регионот на Западен Балкан. Воспоставивме т.н. зелени коридори за непречено движење на примарните производи во Регионот и следи нивно проширување и спојување со Европските коридори. Северна Македонија оваа година заедно со Бугарија заеднички претседава со Берлинскиот процес. Еден од нашите приоритети е продлабочување на инклузивната регионална економска интеграција и развивање на заеднички регионален пазар врз основа на ЕУ законодавството и почитувајќи ги ЕУ заложбите кои ќе можат да го направат регионот поатрактивна инвестициска зона. Во таа насока заедно со Регионалниот совет за соработка и Европската Комисија на Самитот во Софија наесен планираме да претставиме документ за натамошно развивање на регионалната економска интеграција.
Во име на Северна Македонија би сакал да потврдам дека се придружуваме кон Загрепската декларација и би сакал да ја искористам можноста да му се заблагодарам на Хрватското претседателство и на земјите членки што ја отворија вратата за редовен политички дијалог на највисоко ниво со Западен Балкан. На крајот би сакал да завршам со констатацијата дека сум длабоко уверен дека заеднички ќе ја надминеме оваа криза и брзо ќе ги опоравиме нашите економии бидејќи и покрај првичните тешкотии Европа покажа, ќе употребам еден типичен балкански збор, „жилавост“ во моментите кога беше најтешко и кога меѓусебното разбирање и дејствување беше најпотребно. Тоа ја прави Европската унија единствена и посебна и посакуван дом и за нашите граѓани. Како лидери на нашите земји и граѓани стоиме подготвени да ја зајакнеме нашата меѓусебна соработка за исполнување на условите за членство во ЕУ и да можеме што поскоро пред останатите во светот заеднички да се нарекуваме “Европјани“.