Премиерот Спасовски на одбележувањето на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа: Со членството во НАТО и ЕУ, обезбедуваме безбеден европски дом и иднина за нашите млади, денеска, тоа е нашиот патриотизам

„Денеска одбележуваме и славиме голем ден, 9 Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа. Еден датум за два големи настани во историјата на Европа и на нашата земја Датум, впишан со златни букви во историјата на напредна Европа и на Европејците и датум за паметење на големото дело на борките и борците на партизанските единици од Народно ослободителната војна кои со двете заседанија на АСНОМ ја заокружија вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава.“ Со овие зборови, го започна своето обраќање премиерот Оливер Спасовски на свеченото одбележување на денешниот историски ден.

Потсетувајќи дека освен заедничката победа на прогресивните народи на Европа над фашизмот, денеска се одбележува значаен јубилеј – 70 години, од денот кога на 9-ти мај 1950 година, на предлог на францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, започна да се гради Европа, како опција за одржување на мирот.

„Седум години подоцна, шест европски земји ја основаа Европската економска заедница со Договорот од Рим и го отпочнаа процесот на европската интеграција, кој ќе биде крунисан со она што денеска претставува Европската Унија. Со идејата за Европската Унија лидерите на европските земји избраа дека сите разлики ќе ги решаваат на масата, а не на воените боишта“, нагласи премиерот Спасовски.

Осврнувајќи се на Втората светска војна на територијата на Македонија, која заврши со околу 25.000 загинати борци и цивилни жртви, нагласувајќи го заедништвото на сите етнички задници, припадничките и припадниците на партизанските единици на Народно-ослободителната борба, кои и за сметка на своите животи застанаа против фашистичките окупаторски сили, премиерот Спасовски рече:

„Македонската држава беше создадена како дом на слободата. Дом на изборот, дом на слободата на изразувањето и на слободната мислата. За сите нејзини граѓани без исклучок. Држава на сите и за сите. Дом каков што е денеска Европската Унија, како што е напредна и прогресивна Европа“, подвлече премиерот Спасовски.

Тој го истакна вистинскиот избор и на денешната генерација во нашата држава, која со определбата за членство во семејството на најмоќниот воено-безбедносен сојуз, НАТО и со определбата да стане дел од најмоќната економска заедница, Европската Унија, чекори кон посигурна, безбедна и просперитетна иднина за нашите млади и за сите наши идни генерации.

„Обединети и единствени во овој избор околу европските вредности, можеме да се соочиме со предизвиците на нашето време. Затоа во изминатите три години, после сите последни премрежија и искушенија, презедовме крупни, храбри чекори, да направиме од нашата држава европски дом за сите зашто Северна Македонија била и секогаш ќе биде Европа. Денеска, тоа е нашиот патриотизам“, рече премиерот Спасовски честитајќи го Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Упатувајќи честитки по повод 75-годишнината од Победата над фашизмот и Денот на Европа, претседателот на Сојузот на борците од НОАВМ и продолжувачите, Никола Стојановски оддаде признание на Владата на Република Северна Македонија за соработката и поддршката на Сојузот на борците, во овие како што рече, деликатни околности, кога европската и светската заедница се соочуваат со состојбата на пандемијата барајќи од сите, заедничка борба, солидарност и сојузништво.

„Произлезени како држава и нација низ вековната борба може да се согласиме дека ова се најтешки моменти после антифашистичката херојска борба, крунисана со АСНОМ-ските решенија, до конечната сојузничка победа на 9-ти мај 1945. По тој повод, ние, членовите на Сојузот на борците, учесници и продолжувачи на делото, симпатизери, членови на светската федерација на ветерани, на Антифашистичката федерација, ќе истакнеме, Да не се заборава историјата од вчера и денес, оти не чека нова. Утре“, истакна во своето обраќање Стојановски.

Тој подвлече дека одбележувањето на светлите датуми од Преродбата, од Илинден до Народноослободителната и антифашистичка борба, АСНОМ и победата, изградбата на државата, остануваат вечен завет.

„Денес, оддаваме почит кон жртвите и кон едно големо дело, нашиот пат, како АСНОМ-ски, со прогрес и поддршка на прогресивните идеи, за слобода, еднаквост и братство. Искажуваме целосна поддршка кон интегративните, флексибилните и демократски политики на Владата“, порача Николовски честитајќи го 9 Мај, Денот на Победата и Денот на Европа.

По повод денешниот ден, Владина делегација составена од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, предводена од премиерот, Оливер Спасовски, заедно со делегација на Сојузот на борците на Народно-ослободителната антифашистичка војна, положија венци пред Споменикот на ослободителите на Скопје во дворот на Владата.


Премиерот Спасовски на одбележувањето на 9 Мај, Денoт на победата над фашизмот и Денот на Европа: Со членството во најмоќниот воено-безбедносен сојуз, НАТО и започнувањето на пристапните преговори за членство во ЕУ, ја потврдивме нашата определбата за просперитетна иднина

По повод денешниот ден, 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, Владина делегација составена од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, предводена од премиерот Оливер Спасовски, заедно со делегација на Сојузот на борците на Народно-ослободителната антифашистичка војна, положија венци пред Споменикот на ослободителите на Скопје во дворот на Владата.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски по повод денешното свечено одбележување на историските настани, во своето обраќање ги поздрави претседателот на Сојузот на борците, Никола Стојановски, следбениците и продолжувачи на традициите народно-ослободителната борба и на Сојузот на борците и присутните медиуми и истакна:

„Денеска одбележуваме и славиме голем ден – 9 Мај – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа.

Еден датум за два големи настани во историјата на Европа и на нашата земја.

Датум, впишан со златни букви во историјата на напредна Европа и на Европејците, и датум за паметење на големото дело на борките и борците на партизанските единици од Народно ослободителната војна кои со двете заседанија на АСНОМ ја заокружија вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава.

Дело кое израсна врз рушевините и погромот на ужасите на Втората светска војна, и дело кое ја создаде државноста на нашата земја со победата над фашизмот. Заедничка победа на прогресивните народи на Европа.

Ова е ден кога се сеќаваме и на еден друг историски настан, темелник на повоената историја на Европа.

Денеска одбележуваме значаен јубилеј – 70 години од денот кога на 9-ти мај 1950 година, после двете катастрофални светски војни што ја фрлија Европа на колена и фашизмот кој го згрози човештвото, францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, ги повика некогашните непријатели да ја почнат изградбата на нова Европа.

Чувствувајќи одговорност за важноста каква иднина ќе им обезбедат на своите граѓани, прифатија дека споделуваат заедничка историја и влегоа во решавање на разликите меѓу себе.

Седум години подоцна, шест европски земји ја основаа Европската економска заедница со Договорот од Рим и го отпочнаа процесот на европската интеграција кој ќе биде крунисан со она што денеска претставува Европската Унија.

Со идејата за Европската Унија лидерите на европските земји избраа дека сите разлики ќе ги решаваат на масата, а не на воените боишта.

Почитувани,

Втората светска војна на територијата на Македонија заврши со околу 25.000 загинати борци и цивилни жртви.

Нашите сограѓани од сите етнички задници од тоа време,  ги дадоа своите животи затоа што избраа да застанат на страната на сојузничките сили кои решија да се обединат и да му застанат на патот на фашистичките окупаторски сили.

Во времето на завршните операции за ослободувањето на Македонија, под командата на Главниот штаб на Народноослободителната војска на Македонија и Партизанските одреди на Македонија, веќе имало околу 85.000 учесници во Народно-ослободителната антифашистичка војна, со 7 дивизии и 3 корпуси, како и неколку илјади заднински соработници.

Со учеството во антифашистичката голема светска војна на територијата на Македонија, припадничките и припадниците на партизанските единици на Народно-ослободителната борба се заокружи и историската борба за државноста на нашата земја.

Македонската држава беше создадена како дом на слободата. Дом на изборот, дом на слободата на изразувањето и на слободната мислата. За сите нејзини граѓани без исклучок. Држава на сите и за сите.

Дом каков што е денеска Европската Унија, како што е напредна и прогресивна Европа.

Затоа денеска имаме силни, големи причини да славиме и да бидеме дел од прославите ширум Европа.

Да ја славиме победата над фашизмот и да ја славиме големата идеја за Европа.

Почитувани,

И оваа, денешната генерација, направи избор. Ја потврдивме нашата определба за заедничка иднина со нашето членство во семејството на најмоќниот воено-безбедносен сојуз – НАТО. Оваа година ги започнуваме пристапните преговори за членство и во домот на најмоќната економска заедница – Европската Унија.

Тоа е нашиот избор за посигурна, безбедна и просперитетна иднина за нашите млади и за сите наши идни генерации.

Обединети и единствени во овој избор околу европските вредности, можеме да се соочиме со предизвиците на нашето време.

Затоа во изминатите три години, после сите последни премрежија и искушенија, презедовме крупни, храбри чекори, да направиме од нашата држава европски дом за сите зашто Северна Македонија била и секогаш ќе биде Европа. Денеска, тоа е нашиот патриотизам.

Почитувани,

Голема е честа да се биде дел од времето што се памети и на кое му оддаваме достојна почит и внимание. Да се биде дел од историјата што ќе остане инспирација и ќе се слави.

Горди сме на изборот да бидеме дел од големата светска антифашистичка коалиција и горди сме на борците на НОБ, кои го заокружија големото државотворно дело на плејадата претходни генерации кои ни дарија држава за да ја чуваме, да ја развиваме, и на светот да му ги подариме скапоцености на македонското културно наследство, нашето заедништво, културата на сите наши народи, историјата и традициите.

Со такво чувство и со таков пристап, денеска можеме исто така гордо да си ги честитаме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.“