Директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски, заедно со градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, направи увид во градежните активности за изградба на затворениот пливачки базен и кошаркарското игралиште 3х3 во Општина Штип.
Изградбата на затворениот пливачки базен, кој е дел од најголемиот капитален проект на АМС во делот на спортската инфраструктура во моментов е во напредна фаза, градежните работи се одвиваат интензивно и ќе биде подготвен за употреба пред предвидениот рок.
Пливачкиот базен е можност за младите од Штип да го практикуваат еден од најздравите спортови - пливањето, а со тоа да имаат и еднаква шанса покрај рекреативното пливање, да го изберат овој спорт како своја професионална определба.
Кошаркарското игралиште ќе биде комплетно опремено и ќе ги задоволува ФИБА стандардите, со штедливи светилки и мал спортски семафор.
Со поставувањето на игралиштето ќе се зголеми практикувањето на кошарката и како рекреативен спорт, а благодарение на предвидените стандарди истото ќе може да се користи и за официјални натпревари во „улична кошарка“ (street basket).
Изградбата на овие игралишта според рокот во договорот е 4 месеци, но со моменталното динамично темпо на работа ќе биде на располагање на младите од оваа општина за 2 месеци.
Освен во Општина Штип, кошаркарски игралишта се планирани и во 9 други општини.