Отворени четири сувенирници во центарот на Скопје
Во центарот на Скопје од денеска има четири продавници за сувенири со мотиви од Македонија, покрај сувенирницата во „Порта Македонија“ која работи два месеца. Тие се во монтажни објекти, лоцирани пред Спомен-куќата на Мајка Тереза, на плоштад „Македонија“, кај хотелот „Холидеј ин“ и на влезот од Старата скопска чаршија.
Објектите се изработени од фирмата „Еуропроект“ и се први од 20-те унифицирани туристичко-културни пунктови кои ќе ги има во повеќе градови низ Македонија (Охрид, Битола, Струга, Берово...) и на три гранични премини (Табановце, Богородица и Деве Баир).
Работното време им е од 10 до 22 часот. Продаваат реплики од експонатите што ги има Музеј на Македонија - од предмети најдени на археолошките локалитети или апликации од автентичен накит. Во втората група сувенири се копии од спомениците во главниот град и државата, изработени од „Агенс“. Има и сложувалки, приврзоци за клучеви, магнети..., а наскоро ќе се продаваат и книги и брошури за културното наследство на Македонија.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска прва направи промет и купи сложувалка на старо Скопје и минијатура од охридски Плаошник. Таа изјави дека сувенирниците се во функција на културата и туристичката промоција, но се и за македонските граѓани.
- Планиравме да бидат во центарот на Скопје зашто има голема посетеност и многу туристи во центарот. Овие објекти се од големо значење за туристичката промоција на Република Македонија. Конечно дојде време да се постават, како што сите светски метрополи имаат автентични предмети за спомен. Има голем спектар на предмети, а цените се пристапни во однос на сувенирите во други држави, рече Канческа-Милевска.
Најниска цена имаат приврзоците (60 денари), а највисока цена е 100 евра за реплика на артефакт од Музеј на Македонија, чии производи се продаваат со сертификат.