Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција, информираше за состојбата со пациентите заболени со КОВИД-19 вирусот во нашата земја.
„Денеска се регистрирани 50 оздравени пациенти, во Скопје - 16, Куманово - 10, Прилеп - 6, Тетово - 15, Велес - 1 пациент, Крива Паланка - 1, Валандово - 1 пациент. За жал имаме двајца починати пациенти во ГОБ „8ми Септември“, еден пациент од Скопје на 78 годишна возраст примен на 7ми мај со бројни минати заболувања и уште еден пациент од Тетово на 77 годишна возраст којшто се лекува од 14ти мај. Во изминатите 24 часа направени се 533 тестирања и регистрирани се 22 нови случаи на КОВИД-19 во Скопје - 8, Штип - 2, Прилеп - 2, Тетово - 3, Струга - 1, Велес - 4, Свети Николе - 1, Гостивар - 1 пациент. Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1839, бројката на оздравени пациенти 1351, починати 106, а во моментов бројот на активни случаи изнесува 382“, рече министерот Филипче.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминативе 24 часа примени се двајца нови пациенти, хоспитализирани вкупно 43 пациенти, двајца пациенти се на механичка вентилација. Во болницата „8ми Септември“ вкупно хоспитализирани се 21 пациент, на респиратор се четири пациенти и на инфективните одделенија во Битола, Штип, Тетово, Велес, Куманово, Охрид, Прилеп вкупно 62 пациенти.
„Со сите овие досегашни тестирања во земјата вкупно се направени 22.255 тестови, во изминативе 24 часа 533 од кои 203 во рамките на скринингот во градинките во Скопје и во Велес, и денешните тестови од скринингот се негативни. Задоволни сме од динамиката со која се одвива скринингот, но и од резултатите. За неколку дена, а тоа е од 14 мај се направени 908 тестови на вработени во градинките во Битола, Скопје, Велес и сите освен еден резултат се негативни. Конкретно во Битола е завршен скринингот, тестирани се 322 вработени каде е потврден и едниот позитивен случај. Како што најавивме продолжуваме со скринингот по другите ризични групи и вработените во домовите за стари лица, здравствени работници, хроничните болни пред интервенција и пациентите коишто треба да почнат да примаат биолошка терапија како и други групи на граѓани за коишто сметаме дека спаѓаат во ризичните категории врз основа на контакти коишто ги имаат во тек на денот“, истакна министерот Филипче.
Во изминатиот период во трите хируршки институции во Скопје, на Клиниките, во болницата 8ми Септември и во болницата Св. Наум Охридски направени се над 1000 итни и неодложни операции. Од 1 март досега вкупната бројка на оперирани во овие три здравствени институции изнесува 1700. Во хируршките клиники од 1 март до 1 мај направени се 1190, во ГОБ во Скопје 310 операции, повеќе од 300 операции во старата градска болница.
„Врз основа на проценките, врз основа на разговорите и секако потребата одлучивме да се додели парична награда за сите здравствени и нездравствени работници коишто беа вклучени и сеуште се вклучени во работа со пациентите заболени од коронавирусот во нашата земја, доктори, медицински сестри, но и нездравствени работници - болничари, транспортери, возачите во службата за итна медицинска помош ќе добијат награда од 20% од основната плата за два месеци во сите Јавно-здравствени институции, болниците, институтите каде се правеа испитувањата, здравствените домови коишто го организираа транспортот итн. Никој нема да биде изоставен, сите се земени во предвид. Начинот на исплата ќе биде со платежната картичка за што повеќе информации ќе може да даде министерството за финансии“, потенцираше министерот Филипче.
На прес-конференцијата, министерот Филипче информираше дека се анализира состојбата со епидемијата во земјата и овие изминати денови нешто зголемениот број на новодијагностицирани случаи. Заедничка констатација на Комисијата за заразни болести е дека и покрај ова - епидемијата е под контрола. Бројот на активни случаи е стабилен, голем дел од потврдените се веќе од познати кластери, а дел од заразените се инфицирале при групирање на приватни собири. 91% од здравствените работници се оздравени и со тоа практично целокупниот дел на човечки капацитет на здравството е на располагање и е функционален. Не постои ниту едно одделение или институција каде е компромитирана работата заради недостаток на здравствени или нездравствени работници. Заклучокот на комисијата е дека голем број на новодијагностицирани случаи на дневна основа е резултат на олабавување на мерките и поголемото движење на граѓаните и тоа е впрочем случај и во соседните земји, но и во повеќе други земји во Европа и во светот. Тоа не е неочекувано, има зголемен број на новозаразени во Бугарија, Албанија има во Србија, во Босна и Херцеговина.
„Првата битка ја добивме, но борбата не е завршена. Успешно го амортизиравме првиот удар. Ја стабилизиравме состојбата во земјата со контролираниот број на нови случаи и во ниту еден случај не се преоптерети капацитетот на ниту една институција, болница. Сето тоа беше резултат на мерките кои ги донесовме во насока на заштита на здравјето на граѓаните. И отсега натаму со строго почитување на сите мерки и препораки може да ја задржиме епидемијата под контрола. Рестриктивните мерки се опуштаат секаде, со цел полека враќање на животот во нормала. Економијата заживува и како секаде во светот почнуваме да живееме понормално. Но, ова може да го одржиме само ако сите граѓани ги почитуваат мерките, а институциите ги спроведуваат контролите и никако поинаку. Здравствените работници, институции не можат сами. Не можеме ништо да постигнеме ако мерките кои се на сила не се почитуваат, а зголемен број на случаи може да е лошо за економијата, работните места, и секако за здравјето. Ние тоа не смееме да го дозволиме. Комисијата за заразни болести минатата недела донесе предлог план за намалување на рестриктивните мерки со соодветни протоколи за работа.“ - изјави министерот Филипче и додаде дека „вирусот е тука и никој од нас не е имун. Коронавирусот нема да исчезне, ќе биде присутен се додека не се стекне имунитет. Тоа значи дека сите ние мора да се навикнеме да ги почитуваме сите мерки за лична заштита и да живееме со вирусот. Мора да ги вршиме сите дневни обврски, грижејќи се за своето здравје, но и за здравјето на другите“.
Сите стопански гранки, организации, граѓани, групи, секој поединец е дел од оваа борба без исклучок. Сите треба да се прилагодат на новата реалност и само така постепено ќе го враќаме животот во нормала. Доколку доследно се почитуваат сите овие мерки се очекува и понатамошна стабилизација на ширење на вирусот. Министерот Филипче рече дека најголемата опасност за пренесување на вирусот според информациите кои се добиваат секојдневно се групни собирања и упати апел до граѓаните да се воздржат од вакви собири.
„Сите досегашни студии, но и искуства од други епидемии, податоците кои доаѓаат од Кина, покажуваат дека вирусот многу веројатно ќе има и втор бран. Ние за ова се подготвуваме согласно консултациите кои ги имаме со повеќе земји, СЗО, но и поединечни случаи од повеќе земји во светот. Започнуваме голема инвестиција во здравствениот систем и ги зајакнуваме одделенијата за интензивна нега ширум земјата. Се подготвуваме за вториот бран на есен и ќе го дочекаме поподготвени за да го заштитиме здравјето на граѓаните. Ќе ги опремиме сите одделенија за интензивна нега за да се даде соодветна здравствена заштита. Покажавме што значи да се работи во интерес на граѓаните и како одговорно и навремено се делува во случај на криза. Покажавме дека умееме одлично да се носиме со големите предизвици и кризи и тоа уште подобро ќе го правиме кога и да го имаме пред нас повторно предизвикот за заштита на јавното здравје и секако граѓаните“, потенцираше министерот Филипче.