Груевски - Синг: Има голем потенцијал за посилна економска и политичка соработка меѓу Македонија и Индија
Политичките односи меѓу Македонија и Индија и можностите за продлабочување на економската соработка беа тема на денешната средба на премиерите на двете земји Никола Груевски и Манмохан Синг во Њу Делхи.
- Индија и Македонија имаат одлични политички релации и заемна соработка во рамките на ОН. Индија веќе подолг период ја ословува Македонија под уставното име во билатералните односи. Имаме склучено договор за заштита на инвестициите, а сега инициравме и склучување договор за избегнување на двојното оданочување, како и редица други договори меѓу кои и договор за слободна трговија, но и договори во делот на образованието, културата, борбата против тероризмот и повеќе други договори кои можат да ги зајакнат нашите политички и економски релации, изјави премиерот Груевски по средбата со неговиот индиски колега.
Средбата, посочи Груевгски, била комбинирана на политички и економски теми. Станало збор за повеќе теми од меѓународната политика, но и теми поврзани со Република Македонија и со состојбите во Индија. - Тој беше добро информиран за нашата посета и за средбите со голем број инвеститори за што даде целосна поддршка затоа што Индија е економија во раст, која има се повеќе крупни компании кои бараат пазари надвор од земјата односно да се прошират на други континенти во Европа, Америка и Австралија,... појасни премиерот.
- Македонија е земја која ја нудиме како локација за компаните од Индија кои сакаат да ивнестираат во Европа и да го покриваат целиот европски пазар и можеби повеќе од тоа. Од тој аспект разменивме мислења и за компаниите кои досега се дојдени во Македонија како што е Митал стил, Бинани индустри, Мадерсон груп, кои премиерот лично ги познава, рече Груевски.
Тој додаде дека Индија е огромен пазар со над милијарда и 200 милиони жители, но оти Македонија како држава со два милиони жители, и со склучените договори за слободна трговија практично е пазар од 650 милиони потрошувачи. Оттука, смета премиерот, има многу простор за натамошна соработка како во политичкиот дел, во рамките на ОН, во делот на билатералните односи, во делот на економијата, инвестициите, бизнисот, заемна соработка во образованието и многу повеќе области.
На средбата, како што информира премиерот, својот индиски колега го запознал со економските услови што ги нуди Македонија за инвеститорите, како домашните, така и странските, ниските даноци, ниските трошоци за правење бизнис, намалените бирократски процедури и признанијата кои дојдоа од Светската банка, односно извештајот Дуинг бизнис каде што Македонија за само пет години се придвижи од 94 на 22 место, што, како што рече премиерот Груевски, е импресивен резултат, кој и во Иднија го респектираат и го поздравуваат.
Ова е прва средба на премиерско ниво меѓу двете држави, а Груевски е прв претседател на Владата на Македонија кој престојува во Индија.
Премиерот Никола Груевски во Њу Делхи, заедно со економскиот тим, ги претставија можностите за инвестирање во Македонија пред индиските бизнисмени, а остварија и поединечни средби со претставници на неколку компании.