Во текот на вонредната состојба предизвикана од пандемијата на коронавирусот кој претставува и глобална закана, припадниците на Армијата на Република Северна Македонија активно придонесуваат кон заштитата на граѓаните, како и кон намалување на последиците од оваа глобална криза.
Армијата е ангажирана на територијата на целата држава и тоа во поддршка на полициските сили во обезбедување на границата, со цел спречување на нелегалните премини, во обезбедување на објектите од витално значење за државата како Владата, Собранието, Казнено-поправните установи и локациите за државен карантин, како и во поддршка на полицијата на мобилните пунктови при контрола на влезот и излезот на патните правци кон населените места. Армиски припадници се активни и при поддршка на локалната самоуправа и другите државни институции во севкупните напори за спречување на пандемијата и отстранување на последиците од неа.
Министерството за одбрана и Армијата на располагање на државата и граѓаните ставија и два клучни капацитети – полската болница на ниво ROLE-2, поставена во кругот на Клиничкиот центар, веднаш до Инфективната клиника, со што во голема мера се зголеми капацитетот на Инфективната клиника.
Полската болница, за среќа, не беше искористена во текот на пикот на пандемијата во нашата држава и на барање на Министерството за здравство таа е демонтирана, но истата повторно во рекорден период од само неколку дена, доколку се појави потреба може да биде поставена во служба на јавното здравство и на граѓаните. При подготовката на теренот за поставување на полската болница, од Армијата беа ангажирани и инженериските капацитети, кои со помош на новата и модерна опрема успеаја исклучително брзо да го подготват теренот.
Вториот клучен капацитет кој е ставен на располагање во време на пандемијата е хеликоптерскиот транспорт, кој доколку се појави потреба може да биде активиран во исклучително краток рок.
Ангажманот на припадниците на Армијата, помошта и поддршката кои тие ја даваат уште еднаш покажува зошто Армијата е институција која има најголема доверба кај граѓаните. Брзото, навремено и ефикасно ангажирање секаде каде што нашите војници се потребни, е доказ дека нашата НАТО Армија има исклучителни капацитети и способности кои безрезервно ги става на располагање на нашите граѓани. Секогаш подготвени, за граѓаните, за татковината.