Денеска, на прес конференцијата по повод донацијата која како помош за справување со ковид-19 пристигна од Европската Унија, Министерот за здравство Доц.д-р. Венко Филипче, одговорајќи на новинарско прашање за повикот на епископот верниците да ги посетуваат храмовите бидејќи гробиштата за Духовден ќе бидат затворени, побара од епископот да го повелече повикот.
„Јас го повикувам епископот да го повлече повикот да се посетуваат храмовите. Ова е многу осетлив период во овој момент на епидемиолошката крива и тој повик е спротивен на се што сега правиме да се заштити јавното здравје. И секако спротивен и на многу уредби коишто Владата ги има донесено, а тоа е пред се уредбата за забрана на масовни собири и тоа е нешто кое ако доколку се случи, сериозно ќе го загрози здравјето на сите кои ќе бидат таму присутни како и јавното здравје. “ - апелираше Филипче.
Прашан за став во врска со синоќешната акција на пазарниот инспекторат во една скопска кафена во која бил присутен лидер на политичка партија, Филипче потенцираше дека сите треба да бидеме свесни дека сме некому пример и дека од сите нас зависи.
„Во однос на нашето лично однесување, сите ние даваме личен пример. Даваме на децата дома, даваме на сите млади и во општеството. И ние како политичари, избрани функционери во повеќе фокус-таргет групи, верските лидери со своите повици и однесувања, мора да сме свесни дека од сите нас зависи“ – изјави министерот Филипче.