Шекеринска од Ростуше: Вложувањето во инфраструктурата е влог во нашата иднина

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска денеска беше во посета на Општина Маврово-Ростуше. Во продолжение е нејзиното интегрално обраќање:

Денеска ми е навистина задоволство да ја посетам Општината Маврово-Ростуше и да видам колку е сработенo и колку се гради во сите населени места, а особено да ги посетам неколкуте крупни објекти во Ростуше.

 

 

Во една релативно мала општина со скромни финансиски капацитети, да видите реновирана фасада во училиште училиште и болница и да видите сосема нова општинска зграда изградена по најсовремени стандарди навистина е реткост.

Ги посетивме и неколкуте патни правци кои се целосно реконструирани или се реконструираат и можам да кажам дека општината во изминативе нецели три години направи мало чудо. Користејќи свои локални средства но и владини и странски донации да ги стави во функција на локален развој.

Пред три години наследивме држава која беше руинирана и во која парите на граѓаните се трошеа на музеи, барокни фасади и споменици. Затоа беа руинирани и болниците и училиштата и општинските објекти. Оваа политика ја сменивме од корен и во изминативе три години успеавме да вложиме една милијарда евра. Нашиот план е во следните четири години таа бројка да ја дуплираме и да вложиме таму каде што е најпотребно, цели две милијарди евра.

Дури и во најтешкиот момент во момент на корона криза, продолжуваат реализациите на капиталните инвестиции. Затоа сме сигурни дека инвестициите во граѓаните, образованието и во здравството се клучни во ситуација на криза. Токму оваа криза ни покажа колку е важно да инвестираме во суштинските области во државните капацитети.

Тие се тие на кои можеме да се потпреме во криза. Во изминативе три години завршивме еден крупен проект, тоа е членството во НАТО. И видовме колку е важно кога ќе почне кризата да имате на кого да се потпрете. Нашата држава не се грижи дали ќе опстои. Денес инвестираме во нашиот напредок и прогрес. Тоа беше затоа што носевме паметни одлуки и инвестиравме во иднината. Сакам да му честитам на градоначалникот затоа што вложиле за да го направат својот крај поубав. За да задржат што е можно повеќе луѓе дома.

Ова се местата и ова се пределите во кои како држава треба најмногу да инвестираме. Не можеме да очекуваме успешен туризам ако немаме добар пат, добро здравство и добра инфраструктура. Така ќе продолжиме и во иднина да го развиваме Реканскиот крај.