Најавени јавни набавки за подобрување на условите за лекување на болните од туберкулоза
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска најави повеќе јавни набавки финансирани од Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберулоза и маларија, како продoлжување на активностите за унапредување на здравствената заштита и за подобрување на условите за лекување на болните од туберкулоза во земјава.
На прес-конференција Тодоров информира дека меѓу позначајните новини е набавка на возило за рано откривање случаи со туберкулоза кај високоризични групи опремено со дигитална камера, во вредност од 170.000 евра. Постојното возило за таа намена, укажа министерот, датира од 1960 година и е со стара, амортизирана опрема и во целост не одговара на препорачаните стандарди.
Новото возило, посочи, ќе биде опремено со дигитална камера и друга мобилна медицинска опрема и без разлика каде ќе биде лоцирано, и поврзано со централниот сервер во Институтот за туберкулозни заболувања, каде што докторот веднаш ќе може да ги препознае сомнителните случаи и да ги упати на дополнителни испитувања.
Според Тодоров, се работи и на надградба на електронскиот систем за регистрирање и известување, во вредност од 10.000 евра, со цел поврзување со националната референтна лабораторија за дијагностика во Институтот. Надградбата подразбира изработка на лабораториски софтвер, негово поврзување со постојниот софтвер за електронска регистрација на пациентите, како и надградба со дополнителни компоненти за постоење мултирезистентна туберкулоза и ХИВ статус, се со цел подобрување на евиденцијата на пациенти. Предвидена е и набавка на опрема за лабораториско работење, во вредност од 7.500 евра, која ќе овозможи скратување на времето на дијагностицирање за само еден ден.
- Вкупна вредност на сите планирани јавни набавки е околу 600.000 евра само за првата година од имплементација на тековниот грант финасиран од Глобален фонд, рече Тодоров.
Тој оцени дека активности кои ги презема Министерството за здравство веќе даваат видливи резултати, како што е тредот на намалување на бројот на новозаболени и процентот на излекувани пациенти, кој изнесува над 90 проценти.