Министерството за здравство информира дека на денешната 72-ра седница, Владата на Република Северна Македонија ја усвои препораката на Комисијата за заразни болести за отворање на сите гранични премини за движење на патници од петок, 26 јуни 2020 година.
Согласно одлуката, отворањето на границите значи непречено движење на патници и возила без приложување на PCR тестови и без упатување во домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин.
Одлуката се однесува на сите сувоземни гранични премини, а од 26 јуни ќе биде укината и забраната за организиран превоз.
Владата денеска донесе одлука од 1 јули, среда, да бидат отворени за сообраќај Меѓународниот аеродром Скопје и на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
На денешната седница Владата донесе одлука угостителските објекти, од петок, да можат да работат и во внатрешноста на објектот преку соодветен протокол за работа, а се дозволува и работа на теретаните и вежбалните. Од истиот датум, на моловите им се дозволува работа и во неделите.
Протоколите за работа кои ќе бидат задолжителни за споменатите економски оператори и институции ќе бидат изготвени до петок, 26 јуни.