Шекеринска од Демир Хисар: Со 12 милиони евра саниравме проблеми кои беа наталожени речиси 4 децении

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска денеска оствари работна посета на Демир Хисар и притоа посети повеќе капитални инвестиции кои Владата заедно со Општината успеаја да ги реализираат во изминативе три години.

Интегрално ви ја пренесуваме изјавата на заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана Шекеринска:

„Само во триаголникот Битола, Демир Хисар, Крушево, и во инфраструктурата меѓу овие општини вложивме како Влада околу 12 милиони евра.

Целиот фокус во овие две и пол години ни беше фокусиран на патните правци коишто Демир Хисар го поврзуваат токму со Битола, Крушево и со Другово. Во следниот четиригодишен период фокусот ќе ни биде да обезбедиме добра патна инфраструктура кон Кичево, и Демир Хисар целосно да го поврземе со добри квалитетни патишта кои нема да ги малтретираат граѓаните и кои што ќе обезбедат дополнителна шанса за локалниот бизнис. Како Влада асистиравме и на изградбата на локална инфраструктура.

После цели 40 години обезбедивме средства со кои се рехабилитираше и асфалтираше делницата помеѓу Слоештица и Вирово, а после 30 години обезбедивме и помогнавме целосна реконструкција на коловозот во село Базерник. Како Влада влијаевме и на подобрување на капацитетите во Општина Демир Хисар.

Денеска бевме во посета на психијатриската болница којашто е важен центар прво за целата држава како дел од здравствените услуги кои се неопходни за секоја држава, но во Демир Хисар тоа е и шанса за локален развој и многу отворени работни места. Во изминатите години успеавме драматично да го зголемиме бројот на специјализации, бројот на медицински лица коишто работат во болницата, но и да ги подобриме условите за нивната работа и да ги зголемиме платите.

Новиот павилјон, машки павилјон во психијатриската болница, обезбедува подобри и похумани услови за сместување во еден капацитет кој е важен не само за здравството, туку и за тоа каква демократска држава која почитува или не почитува човекови права. Ќе биде нашата татковина. Нашиот фокус во време на корона кризата беше да им помогнеме на сите општини, на сите економски субјекти, но и на што е можно поголем круг на граѓани. Нашата Влада само во Општина Демир Хисар обезбеди директни финансиски инјекции, директна финансиска помош на 59 фирми, за да ги зачуваат своите работни места и за да продолжат со работа дури и во вака тешки околности. Само во Општина Демир Хисар обезбедивме финансиска поддршка на 1.441 граѓанин, преку картичката со која се купуваат домашните производи. Ова се пари кои влегуваат во семејните буџети, ова се пари кои влегуваат во буџетите на фирмите.

Само на ваков начин ќе можеме парите да ги враќаме на граѓаните, но и да дадеме многу поголема шанса за општински развој и развој на Демир Хисар и демирхисарско. Ми беше задоволство што чув дека Демир Хисар е Општина што користи навистина на многу ефикасен начин, голем број на европски средства и тие средства ги насочува токму кон развој и на културата и на локалната инфраструктура, но исто така и на шансите за развој на туризмот.

На таков начин градиме нова развојна македонска економија. На таков начин создаваме подобри работни места и овозможуваме повторно повисоки плати“.