Груевски: Малезиски компании заинтересирани за инвестирање во Македонија
Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска со презентацијата на можностите за инвестирање во Македонија во Куала Лумпур ја заврши посетата на Индија и Малезија.
Покрај форумот, делегацијата оствари и средби со претставници од повеќе компании што пројавуваат интерес да дојдат во Македонија, да го разгледаат пазарот, да се запознаат со локални бизнисмени и да размислат за можноста за отворање бизнис во Македонија. Ова, според премиерот Никола Груевски, би значело и отворање нови работни места.
- Успеавме да направиме една добра презентација пред околу 60-70 компании што покажаа интерес за Македонија. Малезија е брзорастечка држава, која има раст од 6,5-7,0 отсто секоја година. Имаат многу компании што одат на меѓународниот пазар надвор од Малезија, надвор од Азија, одат во Европа, изјави премиерот Груевски по завршувањето на денешниот бизнис форум.
Тој додаде дека пред малезиските стопанственици ги објасниле предностите за инвестирање доколку дојдат во Европа и ја изберат Македонија за бизнис дестинација, за можностите за правење бизнис во Македонија, за ниските трошоци, ниските даноци, драстично намалената бирократија, за договорите за слободна трговија кои, како што рече, од, на прв поглед, една двомилионска држава и релативно неинтересна за која било поголема компанија стануваме држава која покрива 650-милионски пазар.
- Значи, ги објаснивме деталите околу Македонија, околу можностите за правење бизнис од секој аспект, предностите што ги нуди земјата, но и рангирањата што ни ги дава Светската банка, бидејќи тоа е еден вид гарант за инвеститорите. Кога Светската банка за шест години ќе ве рангира од 94. на 22. место и кога секоја година сте на врвот на топ-реформатори во светот, тогаш тоа е еден вид гранција за инвеститорите дека тоа што го говори премиерот, министрите и другите во делегацијата не само што е точно, туку има длабока суштина, истакна премиерот, додавајќи дека тоа ги охрабрува повеќе да разговараат за конкретни работи.
Владината делегација за време на престојот во Индија ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија во Њу Делхи, Пуне, кој е центар на автомобилската индустрија на Индија и во Мумбај.