Вицепремиерката Царовска со владин тим на средба со угостители, туристичките работници и транспортери

Заменичката на претседателот на Владата за економски прашања Мила Царовска и Владин економски тим се сретнаасо претставници од угостителската и туристичката дејност и лица од компании кои се занимаваат со превоз на патници. На работната средба беше истакнато дека овие неколку сектори трпат најголеми штети од пандемијата предизвикана од коронавирусот Ковид-19, но со навремено креирање на мерки и протоколи од страна на Владата, сепак, овие фирми останаа ликвидни и во време кога не работеа.

На состанокот, претставниците на компаниите доставија барање за продолжување на владината поддршка и во наредниот период, а се разговараше за справувањето со економската криза предизвикана од Ковид-19, за предизвиците во работењето на хотелите, рестораните и туристичките агенции во наредниот период, како и запотребата од носење на нови мерки.

На средбата беше истакнато дека голем број фирми од туристички и угостителски дејност ги имаат искористено бескаматните кредити од Развојната банка, како и финансиската поддршка за исплата на плати. Исто така угостителите истакнаа дека со носењето на протоколите од Владата очекуваат зголемување на посетеноста, од граѓаните, посебно од оние кои ќе ги  користат платежните картички.

Владата на Република Северна Македонија обезбеди 555 милиони евра за справување со кризата предизвикана од Ковид-19. Дел од средствата беа за одржување на ликвидноста на компаниите, а дел за исплата на плати на работниците, со што се спасени околу 60.000 работни места.