Во организација на Владата на Република Северна Македонија, во координација со Претседателот на Република Северна Македонија и со Собранието на Република Северна Македонија, на 2 Август, по повод Денот на Републиката – Илинден, ќе се организираат свечени програмски содржини посветени на големиот државен празник, кои оваа година ќе се реализираат согласно препораките од протоколот за одбележување државни празници на Комисијата за заштита од заразни болести.
Тие услови оваа година, заради пандемијата со КОВИД-19, ги опфаќаат, бројот на учесниците, здравствено-безбедната организација на местата каде што ќе се одржат свеченостите, транспортот и движењето до локациите, и местата за посетителите и учесниците, со обезбедена дистанца и заштита.
За исполнување на препораките од протоколот оваа година содржините на програмите за одбележување се сведени на минимум, само со положување венци со свежо цвеќе на спомен обележјата, со обраќања и без традиционалната културно-уметничка програма и без народните собири на отворено и во угостителските објекти.
Свеченостите во овие услови во Крушево, Пелинце и Скопје, со кои ќе бидат одбележани 76 годишнината од Првото заседание на АСНОМ и 117 години од Илинденското востание, се одржуваат со заедничкиот лајтмотив за сите настани „Победа за сите“.
Програмата во Скопје ќе се одржи на настан на кој ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски.
Свеченоста, која што ќе се одржи на скопската тврдина Кале, ќе започне со положување свежо цвеќе на споменикот на слободата – „Сила, слава и победа“ и со исполнување на химната на Република Северна Македонија.
Владината делегација на скопско Кале ќе ја предводи претседателот на Владата Оливер Спасовски, во придружба на заменик на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерката за финансии, Нина Ангеловска.
Во продолжение на церемонијата, венци со свежо цвеќе на споменикот ќе положат и делегации на Претседателот на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија, на Армијата на Република Северна Македонија, на Сојузот на борците, на дипломатскиот кор, на политичките партии и на други општествено-политички организации.
На свечениот дел на скопската тврдина, ќе претходи положувањето свежо цвеќе на спомениците на АСНОМ, и на спомениците на Никола Карев и Методија Андонов Ченто, во центарот на Скопје.
Владината делегација што ќе положи свежо цвеќе на овие спомен обележја ја предводи министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кого ќе го придружуваат Музафер Бајрам, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите и Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање.
Оваа година Претседателот на државата, Стево Пендаровски ќе се обрати на свеченоста во Меморијалниот центар Пелинце.
На свеченоста во Пелинце делегацијата на Владата ќе ја предводи заменичката претседателка задолжена за економските ресори, Мила Царовска, а ќе ја придружуваат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.
Во Крушево, на Мечкин Камен, настаните ќе се одбележат под покровителство на Собранието на Република Северна Македонија.
Владината делегација во Крушево ја сочинуваат заменичката претседателка на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
И оваа година, како дел од официјалната програма за свечено одбележување на празникот се вклучени и содржините од Смилево, кои ќе се одржат исто така на 2 Август, во недела, со кои ќе се чествуваат 117 години од Илинден и 78 години од првата борбена акција на Битолско – Преспанскиот Партизански Одред „Даме Груев“.
Делегацијата на Владата на свеченоста во Смилево ја сочинуваат Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора, министер без ресор задолжен за странски инвестиции Елвир Хасан и заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески.
Целокупната програма за свечено одбележување на државниот празник Ден на Републиката – 2 Август Илинден, од Скопје, Пелинце и Крушево, ќе ја пренесува во живо Националната радиотелевизија.