Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, по повод Денот на Републиката – 2 Август, Илинден, предводеше владина делегација придружуван од Агим Нухиу, министер за внатрешни работи, Нина Ангеловска, министерка за финансии и Елизабета Наумовска, заменик-министерката за образование и наука и положија свежо цвеќе пред споменикот на Слободата „Сила, слава и победа“ на скопско Кале. На свеченоста, која се случуваше без традиционалната културно-уметничка програма и со ограничен број на присутни беше изведена државната химна, и пред присутните делегации од канцеларијата на Претседателот на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија, на Армијата на Република Северна Македонија, на Сојузот на борците, на дипломатскиот кор и на политичките партии се обрати премиерот Спасовски.
Во продолжение, во целост ви го пренесуваме говорот на претседателот на Владата, Оливер Спасовски:
„Почитувани граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија,
Почитувани другарки и другари на Сојузот на борците од Народно ослободителната, антифашистичка војна и на граѓаните - продолжувачи на нивното дело,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор
Почитувани претставници на медиумите,
Драги гости,
Нека ни е честит и вечен 2 август – Денот на Републиката! Нека ни се честити и вековити Илинден и АСНОМ!
Денеска во главниот град на нашата држава, во Пелинце и во славно Крушево, одбележуваме и славиме два настана во кои е собран континуитетот на создавањето на македонската државност.
На денешен ден, 2 Август – Илинден, е поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност. Нашата борба за слобода и правда преку Илинден во 1903 година, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година, беа столбовите на Републиката и на државноста.
Борбата на сите наши илинденци никогаш не била мотивирана ниту за територии, ниту пак за доминација на една држава врз друга, ниту пак на еден народ врз друг.
Почнувајќи од Крушевскиот манифест, а потоа и со декларацијата и решенијата на АСНОМ, во борбата за слободна и праведна македонска држава се повикани сите чесни добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, водени од желба за подобар живот.
Во остварувањето на оваа цел, Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците, и сите други, остваруваа и ги делеа заедничките победи кои ни ја овозможија денешна Република Северна Македонија – држава членка на НАТО, земја на пат за членство во Европската Унија, земја која меѓународната заедница ја прогласи за најуспешна приказна на Западен Балкан во последните три години.
Земја светол пример.
Ова се резултати на победи на сите нас. Затоа оваа година го прославуваме Денот на Републиката под слоганот „Победа за сите“ и започнавме да го чествуваме со почести пред Споменикот на Слободата – Сила, Слава и Победа.
Победа за сите нас затоа што Илинден и АСНОМ се симболи на заедништво, а не на поделби. Денес славиме празник за подобро утре на оваа и на сите наши идни генерации како завет дека ќе продолжиме заедно да ја градиме нашата вековна иднина. Онака како што ја градеа припадниците на славните партизански единици во антифашистичката војна и на храбрите членови на комитските чети во епопејата на македонската револуционерна борба.
Денеска, кога со сета почит и достојно се сеќаваме на државотворните настани на двата Илиндена во 1903-тата, и во 1944-тата, од перспективата на оваа 2020 година, неминовно е да се соочиме со фактот дека треба да ја прифатиме државотворната агенда на концептот кој силно повикува: Да ја градиме Република Северна Македонија како граѓанска држава, која ќе биде слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Едно општество за сите!
Нив, исто како и на нашите предци, должни сме им да се спротивставивме на фашизмот гласно и храбро. Борбата со фашизмот и против делбите на нашите граѓани, против сеењето на омраза помеѓу браќа, соседи и другари, е наша света обврска.
Нашите партизани застанаа храбро и пркосно наспроти фашизмот, и благодарение на таа храброст и на тој пркос, денес ние имаме држава. И ништо помалку од тоа не смееме да им оставиме на идните генерации.
Денес славиме празник и во чест на сите генерации наши сограѓани и сограѓанки кои во нашата слободна држава го вградуваа својот сопствен придонес за да стоиме гордо пред државното знаме и гордо да го зборуваме својот мајчин македонски јазик.
Гордо да го славиме македонскиот јазик кој беше заведен како службен јазик во македонската држава токму на Илинден во 1944 година, и кој денес е впишан во личната карта на нашата држава во Обединетите Нации, каде што покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик.
Токму ова цивилизациско наследство со кое не задолжи 2 Август – Денот на Републиката, не обврзува да продолжиме да го негуваме концептот на „Едно општество за сите“. Да продолжиме со политиките на надминување на поделбите и да го зајакнеме заедништвото кое како завет ни е оставено со Крушевскиот манифест и со АСНОМ.
Почитувани граѓани,
Принципите на Илинден не се завртени кон минатото, туку кон иднината. Илинден е длабоко врежан во нашата меморија, но како живо наследство. За нас овие принципи се најјасен патоказ за нашиот пат кон Европската Унија. Тоа се европските вредности и вредностите на НАТО, како сојуз на кој му припаѓаме како полноправна членка – една од нашите стратешки цели што ја остваривме оваа година.
Како дел од моќното НАТО семејство, како неизоставен дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, Северна Македонија стана фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност, и земја во која граѓаните и децата имаат сигурна иднина.
Со членството во НАТО не сме повеќе сами. Ние сме сојуз. Нашата Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ниту ставена под прашалник, ниту изолирана од светот. Со НАТО, ние сме дел од светот.
Денес кога Северна Македонија, но и целиот свет, се соочува со здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирус КОВИД-19, овие начела на солидарност и заедништво се попотребни од било кога досега. Ова е криза која ни покажува дека никој не може сам, туку само делувајќи сложно и солидарно можеме да стигнеме до решение.
Почитувани,
Покажавме дека умееме да ги зачуваме и да ги спроведеме начелата на илинденците. Нашата земја од заборавен патник на слеп балкански коловоз, ја поставивме на шините кои водат кон евроатланска интеграција. Балканот како југоисточна порта на Европа секогаш бил крстосница на различни култури и цивилизации. Оваа разнообразие, наместо како богатство и мозаик на можности, низ призмата на тврдиот национализам на претходните беше восприемано како закана.
Го совладавме и тоа, и извојувавме уште една победа за сите.
Во духот на нашите илинденци подадовме рака за соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба. Преку овој отворен пристап се реализираа Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Благодарение на овие договори Северна Македонија од лош пример се претвори во успешна приказна. Таа стана светла точка на Балканот. Довчерашните резигнирани соседи, станаа наши најсилни лобисти и поддржувачи на меѓународен план. Станавме сојузници.
Покажавме и докажавме дека со слога, а не со кавги, државата оди напред кон подобро.
За реализација на овие стратешки цели за нашата држава, беа потребни храбри одлуки и одважност.
Не дозволивме заради тесногради политички ставови и лични интереси да го доведеме во прашање вековниот сон и да ги нарушиме темелите на нашата држава.
Почитувани граѓани,
Македонската државност и слободата не се подарок, туку се остварени со многу жртви. Тие жртви денес не мотивираат при градењето на подобро и поправедно општество за сите.
Го направивме пресвртот што и беше потребен на земјата. Се справивме со најмоќните предизвици од пустошот кој го наследивме.
Се справуваме и со заканите од пандемијата. Продолжуваме да се бориме, и нашата родна грутка земја да ја направиме прекрасно место за живот за да им оставиме на идните генерации капитал кој ќе го развиваат според сопствената визијата и според визијата на нашите предци илинденци и асномци.
Нека ни е честит и вековит Илинден! Нека ни е честита и вековита нашата Република Северна Македонија!“.
Со почит,