Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, денеска одржа завршна прес-конференција во којашто посочи на сработеното во речиси 9-месечниот мандат на преодната Влада и на очекувањата за продолжување на напредокот на државата, а по прес-конференцијата одговараше на новинарски прашања.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Спасовски, на денешната прес-конференција:
„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,
Јавното здравје е заштитено, економијата е одржана, меѓународните перспективи се остварени, спроведени се фер и демократски избори на коишто граѓаните низ слободно изразена волја, одлучија да продолжиме по европскиот пат.
Преодната Влада во заминување, во речиси 9-месечниот мандат, успешно одговори на специфичните предизвици пред коишто беше исправена и направи пат за новата политичка Влада, којашто со целосни ингеренции и полн мандат ќе продолжи да ги води граѓаните и државата напред.
Во периодот од скоро 9 месеци зад нас, Република Северна Македонија стана членка на НАТО.
Добивме одлука за почеток на преговорите со Европската унија.
Покажавме одржливост на реформските процеси и со тоа дадовме нови аргументи за реализација на НАТО и на ЕУ перспективите, до коишто се дојде со храбрите и мудри одлуки на претходниот и иден премиер Зоран Заев, на Владата, на Парламентот - коишто не смеевме со ништо да ги загрозиме.
Ги оправдавме очекувањата на нашите меѓународни партнери, со што станаа можни овие историски важни настани за нашата држава, членството во НАТО и одлуката за почеток на преговорите со ЕУ. Тоа е направено преку силната посветеност со којашто внимателно и инклузивно работевме на политички план, во услови кога таквата посветеност беше неопходна на здравствен и економски план, поради светската здравствено-економска криза.
И ги заштитивме граѓаните и државата од најтешките сценарија.
Секој нов ден сè уште е нов предизвик да се заштити јавното здравје, но почетоците на пандемијата побараа храбри, брзи и ефикасни одлуки, со коишто успеавме да обезбедиме функционалност на здравствениот систем и ја вративме довербата во институциите на државата.
На секој болен му е пружена соодветната здравствена заштита.
Секој граѓанин и во време на затворени граници, доби можност да се врати во родната земја. Секој кој имаше неопходна потреба за странство, отпатува.
Работевме и сè уште работиме на нашите цврсти определби, ниту еден граѓанин да не е без егзистенција.
Ги поддржавме и ги поддржуваме и граѓаните и бизнисите да опстојат.
Преку трите сета економски мерки, за засегнатите групи граѓани и млади и за погодените сектори: туризмот и угостителството, поделени се домашни платежни картички за купување македонски производи и ваучери за домашен туризам.
За бизнисите овозможени се бескаматни кредитни линии.
Се подготвува четвртиот сет мерки со којшто ќе биде проширен опфатот на граѓани и бизниси коишто ќе добијат финансиска поддршка од државата.
Во услови на здравствена криза од светски размери, организиравме фер и демократски избори. Ја продолживме тригодишната пракса на организирање и спроведување избори во фер и демократска атмосфера, во којашто граѓаните слободно го направија својот избор и ја дадоа поддршката за прогресивната опција којашто во изминатите три години затвори тешки прашања, што три децении се чинеа непремостливи.
Одговоривме на должноста за одржливост и перспективи како преодна Влада, преку одржани 82 отворени седници на Владата, девет затворени владини седници, три состаноци на Економскиот совет, 121 седница на Генералниот координативен кризен штаб, којшто до денес се одржува секое утро, со цел да се одговара ефикасно, на дневна основа, на потребите на граѓаните и на државата.
Почитувани граѓани,
Во услови кога и покрај сите заложби, невидливиот непријател одзема човечки животи, бидејќи некои работи и не зависат само од заложбите, секој верувам – и јас исто, со право чувствуваме дека вистински ќе можеме да се израдуваме на постигнатите успеси, кога ќе заврши оваа пандемија којашто коси и во светот.
Но нашите заеднички успеси се нашиот ветар во грб, нашата мотивација да стоиме исправени и заедно да бидеме браник на заедничкото добро. Секој веројатно знае дека нема лична среќа, без заедничка среќа.
И оваа завршна прес-конференција ја посветив на сработеното, за основано да се заблагодарам на сите кои дадоа сè од себе, во специфичните услови во коишто функциониравме, за да ги постигнеме резултатите на коишто посочив.
Тоа се спасени животи, спасени егзистенции, тоа се осигурени перспективи на стратешки меѓународен план.
Благодарам на лекарите, медицинскиот и техничкиот персонал во клиниките, болниците, амбулантите, кои деноноќно спасуваат човечки животи, додека се оддалечени од своите семејства, работејќи со заштитна опрема којашто им остава лузни на лицата. Нивните успеси се успехот на секој оздравен и на секој заштитен од корона вирусот. И се успехот на здравствениот систем и на државата во справувањето со него. И секоја благодарност за трудот на овие здравствени работници е незаменлив орден на нивната личност. Тука сакам да се заблагодарам и на министерот Венко Филипче, кој посветено и деноноќно работеше, или беше лидер за здравствениот систем во државата.
Изразувам посебна благодарност до македонската Полиција, до Армијата, до Центарот за справување со кризи, до Дирекцијата за заштита и спасување. Изразувам благодарност до нашите стратешки партнери од Европската унија, од НАТО и од САД, за навремената поддршка на нашата држава во справувањето со пандемијата на здравствено-економски план.
Се заблагодарувам на економските експерти со коишто заедно работевме, ги креиравме економските мерки за спас на економијата. Посебно се заблагодарувам на претставниците на медиумите кои беа на висина на задачата и известуваа професионално и навремено за сите прашања од јавен интерес, на вработените во државните институции кои 24 часа беа во служба на граѓанските и државните потреби, на генералниот секретаријат во Владата, на Секторот за подготвување владини седници, на вработените и на шефот во мојот Кабинет, кои дадоа голем придонес да се справиме со предизвиците и да одговориме на должностите и очекувањата и на целиот ПР тим којшто работеше во Владата, за сето она што ние го работиме, да биде соодветно презентирано во јавноста.
Да се заблагодарам на сите држави од соседството, со коишто заедно работевме во справување со пандемијата и посебно да се заблагодарам на владите од опкружувањето, Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, со коишто на дневна основа соработувавме и разменувавме информации и коишто ни помогнаа да ги вратиме сите наши државјани од странство, во нашата држава.
И посебно, ви се заблагодарувам вам почитувани граѓани - за соработката во овој специфичен период од здравствен и економски аспект, за разбирањето што го покажавте во време на забраните за движење и за почитувањето на мерките за заштита, во сите напори за заштитата на колективното здравје и егзистенциите и поради тоа што се издигнавте на висината на сопствената одговорност, излеговте на гласање достоинствено, со почитување на здравствените протоколи и ги овозможивте овие моменти кога очекуваме да биде изгласана новата политичка Влада. Со тоа се создадени клучните услови за формирање Влада со полн капацитет, којашто со целосните ингеренции што ќе ги има и со функционалниот Парламент, ќе може да направи уште повеќе во заштитата од пандемијата, во заштитата на егзистенциите и во европските перспективи.
Ја извадивме државата на прав пат и патот на сите нас, почитувани граѓани, од сите етнички заедници е заедно напред, во Едно општество за сите, како европска држава. Осигурена е државата на безбедносен план, затворени се прашањата – пречки на достоинствен начин и сега е време сите да се посветиме, со сите сили, на внатрешните прашања и потреби.
Следуваат резултати во економијата, во заштитата на животната средина и на планот на правдата, на културата, ако сите го дадеме својот максимум.
Ако за овој скоро 9-месечен период, во време на преодна Влада и покрај огромните блокади од раководството на ВМРО- ДПМНЕ, успеавме да го донесеме Законот за јавно обвинителство, време е во претстојниот период, се надевам помирен од здравствен и општествено-политички аспект, да испорачаме функционална правда. Правосудството мора да се реформира, случаите на висока корупција мора да добијат своја завршница, да влеземе сите од должностите коишто ни се доверени во силна борба со секој и евентуален обид за корупција, секој носител на јавна функција да одговори на должноста да биде чесен, транспарентен и достапен на граѓаните.
Пред сите нас се неповторливи четири години, кога заедно можеме многу да постигнеме и на планот на европските интеграции и да го донесеме европскиот живот дома.
Ја повикувам и опозицијата да најде сили да се реформира и да се вклучи во промените коишто им носат добро на граѓаните и на државата. Американскиот претседател Кенеди не случајно констатирал дека оние кои гледаат само во минатото или сегашноста ја пропуштаат иднината.
Иднината е пред нас, полна со перспективи и во неа има место за сите - не смееме да ја пропуштиме или со што било да ги доведеме во прашање овие шанси за нас како граѓани и како држава.
Со мене ќе понесам корисни искуства од функционирањето на оваа преодна Влада со неочекувано продолжен мандат, дека во моментот кога ќе прифатиме дека постојат предизвиците и ефикасно ќе дефинираме кои се, ние веќе сме отишле на половина пат кон нивното решавање.
Благодарам на можноста да служам како премиер на Владата во овие 9 месеци, на Република Северна Македонија“.