Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, Фатмир Битиќи, оствари прва официјална средба со амбасадорот на Република Бугарија, Н.Е. Ангел Ангелов, на која стана збор за досегашната економска соработка помеѓу двете земји, како и за идната соработка, за која се согласија дека има голем потенцијал да расте.
Амбасадорот Ангелов упати честитики кон вицепремиерот Битиќи за новопреземената должност и изрази очекување дека Република Северна Македонија ќе продолжи со успех по евро-интеграцискиот пат, како и дека соработката помеѓу двете земји ќе продолжи да се развива во позитивна насока.
Вицепремиерот Битиќи нагласи дека еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија е да се подобри економската соработка со земјите од регионот, посочувајќи дека Република Бугарија, традиционално е помеѓу најдобрите трговски партнери на нашата земја, оваа година позиционирана на петтото место, согласно обемот на трговска размена.
Вицепремиерот Битиќи додаде дека интензивирањето на соработката мора да продолжи и понатаму, во интерес на двете земји и особено на граѓаните кои живеат во нив.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Ангелов се согласија дека со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се поставени одлични темели за понатамошната економска соработка помеѓу двете земји.
Битиќи потенцираше дека Владата ќе направи максимални напори за забрзување на реализацијата на проектот за изградба на делот од пан-европскиот железничкиот коридор 8, односно пругата Куманово - Деве Баир, како и на експресниот пат Ранковце - Деве Баир, со што значително ќе се подобри поврзаноста на двете земји, а со тоа ќе се подигне квалитетот и безбедноста за транспорт на луѓе и производи.
Новата развојна економија, како еден од главните столбови на програмата на Владата, предвидува иновативна и дигитализирана економија и поддршка на старт ап заедницата. Вицепремиерот Битиќи заедно со амбасадорот Ангелов разговараа за можноста за размена на искуства од страна на Бугарија за време на пристапните преговори со Европската Унија за развој и поддршка на старт ап заедницата во Северна Македонија.
Соработката и комуникацијата помеѓу двете земји останува отворена, бидејќи како што и вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Ангелов се согласија, тие носат подобар живот за граѓаните на двете држави.