Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се сретна со Нивес Тигањ, амбасадорка на Република Хрватска во нашата држава.
На состанокот се изразени честитки за формирањето на новата Влада, во законските рокови, во духот на политиките на зрелост за државните и граѓанските интереси.
Република Северна Македонија, како што е оценето, се развива според европските вредности и Хрватска продолжува активно да ја поддржува нашата држава во процесот на европските интеграции, во очекување на почетокот на преговорите со ЕУ.
Премиерот Заев се заблагодари за пријателската поддршка од Република Хрватска во демократските и евроатлантските процеси на земјава и упати покана до хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за посета на нашата држава.
„Сите соседи ни се пријатели, немаме повеќе отворени прашања со ниеден од соседите, исто така и во нашата држава успешно градиме „Едно општество“ за сите граѓани, така што во претстојниот период главен фокус ќе ни биде европеизација на државата, со цел развој на економијата и животниот стандард и обезбедување правна држава. Искуствата од Република Хрватска се драгоцени и соработката помеѓу нашите земји ќе продолжи како на евроатлантски план, така и низ унапредување на билатералната соработка“, рече премиерот Заев.
На состанокот е заеднички констатирано дека за напредокот на државата, посебно на отворениот европски пат, е потребно одговорно однесување од сите, со што единствено се придонесува во перспективите на граѓаните и државата.