Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска одржа прес-конференција по повод добиеното мандатно писмо од страна на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.
Правдата, заедно со економијата и евроинтеграциите, се врвни приоритети на Владата во овој втор мандат. Мандатната мисија ги содржи одговорностите и реформските активности кои министерот за правда Бојан Маричиќ се обврзува да ги исполни како ветувани дадени пред граѓаните.
Во мандатното писмо на министерот Маричиќ се наведени обврските и реформите кои треба да ги спроведе а се однесуваат на судството и обвинителството, евроинтеграциите, Изборниот законик и подобрување на услугите кон граѓаните.
„Уште од првиот ден од мојот мандат, започнав со работа во интерес на граѓаните со цел правдата да биде достапна за сите. На мој предлог, Владата ја усвои предлог-измената на Законот за судските такси, со која судските такси се намалуваат за осум пати на максималната судска такса за физичките лица. Со други зборови, максималната судска такса за физичките лица, за граѓаните, се намалува од 48.000 денари на 6.000 денари“, истакна Маричиќ.
Министерот Маричиќ смета дека независноста и ефикасноста на судската власт се клучни за враќање на довербата на граѓаните, но и за воспоставување еднаквост пред законот преку подобра контрола врз извршната и локалната власт.
Маричиќ потенцираше дека неговата мисија како Министер за правда е да ја врати надежта на граѓаните во правосудството, преку зголемување на одговорноста, отчетноста и ефикасноста на судиите и обвинителите, како и органите на управата кои се под негова надлежност.
„Најприоритетната задача е да спроведеме длабоки и суштински реформи во правосудството, односно да започнеме процес на ефикасно и објективно прочистување на судството и обвинителството“, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ, додавајќи дека моделот за прочистување треба да биде завршен во првите сто дена од неговиот мандат.
Ова подразбира проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција. Судскиот совет, пак, во согласност со новите закони, треба да направи детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично.
Паралелно на овој процес, на почетокот на наредната година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ како спроведувач.
„Ние сме прва држава во регионот која од Европската Унија побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани за високата корупција“, додаде Маричиќ.
Министерот елаборираше дека целта на овој процес е да се зголеми кредибилитетот на судските одлуки и процеси во целина, како и одговорноста на обвинителите и судиите во однос на ефикасноста и праведноста во постапувањето.
„Како дел од процесот на прочистување, најавувам и ревизија по случаен избор на 5% од предметите од висок профил, на случаи кои застариле да се утврди причината, колку се тие причини објективни, колку се тие субјективни и каде е изворот на проблемот со застарување на предметите“, потенцираше Маричиќ.
„Моја мисија е и да предложам со законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и континуирано да ја информира јавноста за својата работа и напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто граѓаните се интересираат“, најави Маричиќ.
Министерот за правда најави и дигитализација на правосудството преку унапредување на АКМИС-от и електронско поврзување на судовите со јавните обвинителства, како и задолжителна електронска комуникација со адвокатите, извршителите, медијаторите, нотарите и други субјекти.
„Во соработка со Владата треба да предложиме нов модел за спречување на злоупотребите на системот на судии-поротници преку промена на начинот на избор, одредби за конфликт на интереси, зајакнување на одговорноста на поротниците и посебни процедури за гласање при донесување на одлуки“, истакна Маричиќ.
Последно кое се однесува на правосудството а го најави министерот е кадровското зајакнување на судовите и обвинителствата преку зголемување на бројот на стручни соработници со цел поефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата.
На врвот на листата на приоритетите е и успешен почеток и непречено спроведување на пристапните преговори со Европската Унија за Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права. Маричиќ информираше дека во моментот се договара преговарачката рамка и истакна дека очекува првата меѓувладина конференција можеби ќе ја имаме до крајот на годинава.
„Подеднакво важно, ќе работам на измените Изборниот законик со кој ќе се воведе принципот на отворени кандидатски листи уште при првите наредни локални избори наредната година. Директниот избор ќе значи поголема врска на избраните претставници со нивните сограѓани“, најави министерот Маричиќ.