Следната цел: членство во ЕУ

За три години, радикално го променивме имиџот на Северна Македонија во регионот и светот. Паралелно со решавањето на билатералните прашања и продлабочувањето на регионалната соработка, се зафативме со длабоки внатрешни реформи во најкритичните области на владеењето на правото и изградбата на функционална демократска држава – реформа во правосудството, реформа на јавна администрација, реформи во безбедносните служби и борба против организиран криминал и корупција. 

     Целта на политиките на Владата е да ги донесеме европските стандарди и вредности дома и да им овоможиме на граѓаните европски начин на живот. Европската Унија е систем на вредности кои значат правна држава во која сите сме еднакви пред законот, во која редот, поредокот и организираноста се предвидливи и се дел од нашето секојдневие. Напредокот кој го остваривме изминативе 3 години значат повеќе отворени фондови за нашите граѓани, преку кои се поддржува солидарноста, еднакво општество за сите, квалитетна инфраструктура, продуктивно и одржливо земјоделие, како и здрава животна средина. 

Северна Македонија има концепт кој може да биде модел корисен за Европската Унија. Нашето поведение, зрелост и заедништвото што го градиме, како и односот кон соседите и предизвиците дома можат да бидат додадена вредност за Европа. Фактот што од нашитe длабоки политички општествени и економски кризи излеговме позрели, посилни и помудри може да бидат пример за решавање на некои отворени прашања во регионот и во ЕУ.

На 26 март 2020 година Европскиот совет донесе одлука за почеток на преговорите со нашата земја за членство во ЕУ. Оваа одлука ја чекавме 15 години и заслужено ја добивме. Со почетокот на преговорите за ЕУ членство ние почнуваме со најдлабока трансформација на општеството и постепено, но темелно и одржливо прифаќање на европските правила, принципи и вредности. Владата ќе обезбеди трансформацијата да е ефикасна и успешна, а воедно во неа да го заштитиме нашиот интерес како држава, интересот на нашата економија и нашите граѓани. 

Владата на Република Северна Македонија има амбициозен, но реален план: да ги заокружи преговорите што поскоро и што поуспешно и да стане држава членка на ЕУ при првиот нареден бран на проширување. Во 2020 година ги започнуваме преговорите за членство и убедени сме дека нашата држава има капацитет, способност и волја до 2024 година во мандатот на оваа Влада да отвори 80% од поглавијата и да биде најмалку на исто ниво на интеграција со државите од Западен Балкан кои во моментот преговараат за членство со ЕУ.

Затоа:

  • Воспоставуваме мотивирана, ефикасна и професионална преговарачка структура;
  • Обезбедуваме широк консензус помеѓу политичките партии, но и пошироко во општеството околу суштинските реформи врзани за нашето пристапување кон Европската унија. Ќе ги повикаме сите да го стават членството во ЕУ пред нивните политички интереси и да дадат поддршка на имплементацијата на ЕУ приоритетите и препораките на европските институции. 
  • Веќе развиваме база на податоци на сите домашни експерти и стручни лица од дијаспората кои активно ќе бидат вклучени во работните групи за преговори;
  • Ќе создадеме  услови  за  подобро  инфраструктурното  поврзување  со  Брисел.  Ќе ја разгледаме можноста за потпишување стратешко партнерство со европски авиопревозник за воспоставување на директна, редовна линија со Брисел;
  • Ќе направиме посебна буџетска програма за преговори со ЕУ во буџетите на министерствата и други надлежни институции;
  • Во консултации со универзитетите ќе поддржиме нови или прилагодени образовни програми кои ќе градат кадри за потребите на државата во европските институции;
  • Ќе имаме проактивна соработка со сите институции, политички партии, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и медиумите со цел да се доближи преговарачкиот процес до граѓаните. Преговараме во име на целата држава. Затоа, преговорите ќе ги опфатат сите: Владата, администрацијата, Собранието, регулаторите, граѓанскиот сектор, академската заедница, деловниот свет;
  • „ЕУ инфо мрежа“: постоечките ЕУ инфо точки ќе ги трансформираме во регионални центри за Европа во кои ќе се вршат дневни презентации на можностите за граѓаните и бизнис секторот  за  искористување  на  европските  пари  и  постојана  едукација за максимална апсорпција и искористување на инструментите кои ни ги нуди претпристапниот процес.

Во време на пандемијата на вирусот COVID-19 Европската унија ја покажа европската солидарност кон Западен Балкан и Северна Македонија на дело. ЕУ предвиде 3,3 милијарди евра за макро-финансиско закрепнување на Западен Балкан и соседството по пандемијата, од кои за нас веќе се обезбедија 160 милиони евра. Дополнително на оваа помош ЕУ обезбеди преку 66 милиони евра неповратни средства кои можат да се користат за помош на малите и средни претпријатија и гарантирање на буџетската ликвидност на државата. Четири милиони евра помош во медицинска опрема за зајакнување на капацитетите на здравствениот систем беа одобрени и во еден дел испорачани од почеток на пандемијата. Европската унија ги вклучи нашите држави во Европскиот солидарен фонд, во заедничката набавка на неопходни дефицитарни производи, како и во државите каде може без дозвола да се извезува медицинска опрема од ЕУ.

До крајот на 2020 година ЕУ ќе подготви робустен економски и инвестициски план за Западен Балкан за закрепнување на економиите и подобрување на конкурентноста. Очекуваме солидарноста да се задржи како врвна европска вредност, а плановите за помош да се базираат на директно вложување во развој и поддршка на компаниите и евтини заеми наместо скапи кредити, неразумно штедење и долгорочна презадолженост.

Сите фондови без разлика на областа во која се насочуваат ќе бидат искористени за зајакнување и реформа на институциите и политиките, за унапредување на дијалогот со сите чинители и ќе се мери нивното влијание врз социјалната инклузија, родова еднаквост, заштита на човекови права и заштита на животна средина.

Целта на Владата ќе биде фондовите да ги приближиме до граѓаните – да им бидат подостапни, повидливи. Тоа значи дека покрај државните институции, новите средства од ИПА 3 ќе ги обезбедиме и за општините, училиштата, синдикатите, маргинализираните групи, работодавачите, невработените, малите и средните претпријатија, граѓанските организации, универзитетите и истражувачките институции, па дури и за неформалните групи на граѓани.

  1. Свесни за предизвиците во апсорпционата моќ, Владата ќе инвестира во човечкиот капитал во институциите и надвор од нив за подготовка на зрели проекти кои ќе се финансираат преку ИПА 3 и подготовка на земјата за што поуспешно искористување на големите европски структурни и кохезиони фондови. Проектите ги развиваме во неколку клучни столбови:
  2. Владеење на право, темелни права и демократија;
  3. Добро управување, усогласеност со европските стандарди, стратешка комуникација и добрососедски односи;
  4. Зелена агенда и одржлива поврзаност - животна средина и климатски промени/ транспорт/ дигитални промени/ енергија/ циркуларна економија;
  5. Конкурентност и инклузивен раст - структурни реформи/ капитални инвестиции/ изградба на административни капацитети;
  6. Територијална и прекугранична соработка- INTERREG/CBC.

За оваа цел, ќе создадеме:

  • Национален стратегиски документ за билатерална помош. Како што постои Национален стратегиски документ за европската помош, така ќе создадеме и таков документ за помошта од други држави (билатерална помош);
  • Буџетска линија за преговори и развој на политики. Потребата за обезбедување на ваков флексибилен финансиски пакет произлегува од ad hoc потребите кои се јавуваат при фазата на усогласување и хармонизација со законодавството на ЕУ, а кои не можеле да бидат предвидени во фазата на програмирање на IPA средства;
  • Гарантен  фонд за кофинасирање на проекти и помош при развивање на квалитетни и зрели ЕУ проекти, поддршка преку ваучер-шеми и рамковни консултанти: Изработката на проекти е комерцијална дејност, заради што ќе поттикнеме поединци и претпријатија да почнат да се занимаваат со овој бизнис и развој на таканаречениот ваучер-систем. Овој систем е особено погоден за микро, малите и средни претпријатија при искористувањето на средствата од програмите на Унијата, особено во развој на иновативни и дигитализирани решенија. Ваучер-системот ќе биде достапен и за други целни групи, како земјоделците при развојот на проекти од ИПАРД програмата, образовните институции за Програмата Еразмус+ и др. Системот на консултанти ќе биде строго регулиран по примерот на ЕУ рамковните консултанти при што ќе добијат и дополнителни бенефиции, главно даночни олеснувања.
  • Гарантен фонд за кофинасирање на проекти и поврзување со статус од јавен интерес. Секоја организација која ќе привлече европски средства и за тоа ќе добие средства за кофинансирање, ќе се стекне со статусот „организација од јавен интерес“ при што ќе добие и дополнителни бенефиции, главно даночни олеснувања.
  • Нема успешни ЕУ интеграции без квалитетни луѓе во институциите: мотивирани, компетентни, добро обучени, луѓе со интегритет кои ќе бидат носечки столб на процесот на позитивна промена. Ќе развиеме сеопфатна, паметна политика на задржување на кадарот.