Северна Македонија во светот
Станавме пример во регионот за пријателство и соработка. Решавањето на споровите со соседите доведе до создавање на нови позитивни економски и финансиски текови и внесе свежа енергија во регионалната соработка на Западен Балкан.
Нашиот успех го потврди и Европската Унија. За прв пат државите од Берлинскиот процес се согласија оваа година да претседаваат две држави, една држава од Западен Балкан - Република Северна Македонија и една држава членка на ЕУ - Република Бугарија. Претседавањето со Бeрлинскиот процес е можност за наше поголемо влијание на процесите и политиките во регионот, но и за промоција на нашите успеси и посилна економска соработка.
Примарен интерес на МК во регионалната соработка е да се развиваат практични мерки коишто го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните и ги отстрануваат бариерите за полесна трговија, повеќе инвестиции, поголема мобилност на човечкиот капитал и побрза дигитализација и модернизација на Западен Балкан. Преку таква регионална соработка, ние државите од Западен Балкан покажуваме зрелост дека и самите можеме да направиме нешто за регионот и за своите граѓани.
Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи да гради ја врати позитивната клима на соработка, доверба и почитување меѓу државите во регионот. Ќе отвориме 6 нови гранични премини со соседите со цел да овозможиме полесна комуникација на пограничните места и тоа Стрезимир-Рестелица (со Косово), Мајден- Промахи и Маркова Нога (со Грција), Клепало (со Бугарија), Лојане-Миратовац и Голеш- Босилиград (со Србија), и Џепиште-Требиште (со Албанија).
Преспа како географски регион обединува три држави, три нации, различни етнички групи, јазици, традиции, култури. Нејзиното богатство од различности ги обединуваат исклучителните природни богатства и културно историското наследство.
Затоа, ќе ја покренеме иницијативата за Регионален центар за дијалог – Преспа форум. Регионалeн форум за добрососедство и решавање на билатералните прашања, но и форум од каде ќе произлезат нови инцијативи за регионална соработка. Во рамките на форумот ќе го поддржиме процесот на формирање на канцеларии за младинска соработка МК-ГР, како и сите активности и проекти на канцелариите кои ќе овозможат размена на искуства и поврзување на младите од двете земји.
Водејќи препознатлива политика, активно ќе учествуваме во работата на Совет на Европа, ООН, ОБСЕ, СТО, УНЕСКО како и во сите останати меѓународни организации во кои членуваме, ќе настојуваме да го промовираме успешниот модел на меѓуетничките односи во земјата и добрососедска политика.
Република Северна Македонија е кредибилен партнер во борбата против тероризам и членка на Глобалната коалиција за победа над ИСИС. Во таа насока силно ја поддржува улогата на НАТО во борбата на меѓународната заедница против тероризмот.
Во надворешната политика, Владата ќе усвои Стратегија за јавна дипломатија која внимателно ќе ги одреди целите и насоките, како и задолженијата на сите засегнати и надлежни институции, и ќе ги усогласи надворешно-политичките цели и националната политика. Во изготвување на оваа стратегија покрај претставници од владините институции ќе бидат вклучени и невладините и меѓународните организации. Ќе формираме Мрежа на наши успешни државјани во странство и ќе ги повикаме да помогнат во нашите напори за промоција на државата. Ќе направиме и Таргетирана промоција на економските, културни и туристички потенцијали: „Земја на можности“ (со акцент на новите успеси во културата: Оскари, Евровизија).
Владата ќе продолжи да инвестира во квалитетна дипломатска мрежа, со оптимизација на дипломатскте претставништва и зајакнати човечки и технички капацитети во нив. Во Секторот за јавна дипломатија ќе се врши конкретна и темелна подготовка на дипломатскиот кадар со елементи за нивното дипломатско делување во насока на јавната, културната и економската дипломатија.
Ќе фаворизираме е-Амбасади. Ќе ги дигиталитизираме услугите на нашите сограѓани кои патуваат надвор од земјата, или се на привремен и постојан престој надвор до Република Северна Македонија преку вовдедување на апликација „е-Амбасада“ со цел нашите ДКП-а навремено да излезат во пресрет на потребите, барањата на нашите сограѓани.
Владата веќе ја донесе првата Национална стратегија за соработка со дијаспората. Со тоа поставивме силен мост кој ќе резултира со квалитетна и конструктивна соработка помеѓу државата и дијаспората во повеќе области, како: политичко-правни и конзуларни прашања, економија, образование, наука, млади и култура. Владата ќе продолжи да обезбедува финансиска поддршка за проекти од дијаспората како преку 50 проекти во изминатите 3 години. Притоа, за почетни инвестициски вложувања, споредбено со домашните и странските инвеститори, за инвеститорите од дијаспората финансиската поддршка од државата е поголема за 10%.