Првиот заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини денеска ја посетија Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, по повод завршување на проектот за гасификација на установата.
Оваа грејна сезона, Специјалната болница ќе почне со комплетно нов систем на загревање со течен гас (ТНГ). Второто најголемо родилиште во државата, повеќе нема да биде причинител за загадување на градот Скопје.
Министерството за здравство во соработка со Специјалната болница во исклучително краток рок, спроведе набавки за изработка на проект и изведба на машински постројки за котлара на течен нафтен гас (ТНГ) со станица за подготовка на санитарна топла вода и поставување на соларни колектори.
„Болницата во Чаир е институција која има многу сериозно место во нашиот здравствен систем. Инвестиравме многу. Во изминатиот период, се примија над 40 здравствени работници, лекари, медицински сестри со што капацитетот на луѓето што работат тука е зголемен за 25%. Се инвестираше многу и во инфраструктурата. Има целосно реновирани операциони сали, има повеќе меѓународни проекти со донации, нови ехо апарати, целосно опремени амбуланти, нова опрема којашто се користи во делот за интензивна нега, за бебињата посебен централен мониторинг каков што нема ниту едно друго родилиште во земјата. Ова е една институција која заедно со клиниката и останатите родилишта во коишто сите овие имплементирани проекти на крајот значеа намалување на новороденечнката смртност. Сакам да им честитам на директорот Исмаили, на членовите на целиот стручен колегиум, лекари, медицински сестри, сите коишто работат тука за посветеноста, за ангажманот и енергијата којашто ја вложуваат за унапредување на болницата“, потенцираше министерот Филипче.
Изведбата на новите инсталации не запре и во услови на кризата со коронавирусот, со цел решавање на овој повеќе децениски проблем во градот Скопје.
„Среќен сум што сум денеска овде присутен бидејќи оваа инаугурација денес е фантастичен почеток на новата Влада. Ние придонесуваме за подобар живот таму каде што всушност започнува животот, затоа честитки за сите вас за реализираниот проект и особено за мојата населба Чаир. Им честитам на Општина Чаир, благодарам на Министерството за здравство, Министерството за животна средина и сите оние кои придонесоа за реализација на овој проект“, изјави првиот заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
Во состав на постојната градба, на северозападниот дел на дворното место во кругот на комплексот, изведени се термотехнички инсталации. Комплетно нова Котларница со топловодни котли на течен пропан бутан гас и комплетно нова Станица за подготовка на санитарна топла вода со систем од соларни колектори за санитарна вода. Овие машински постројки и другата опрема се поставени во делот од постоечкиот наткриен паркинг во просторот кој се намени за сместување на нова котлара и станица за подготовка на санитарна топла вода во функција на клиниката. Во склоп на термотехничките инсталации изведен е подземен резервоар за течен пропан бутан гас, станица за подготовка на санитарна топла вода со систем од соларни колектори со централен бојлер. Инсталациите се комплетно поврзани со постојната цевна мрежа на објектот. Сончевите колектори се поставени на просторот на неискористената бетонска плоча над паркингот, а надворешниот простор околу резервоарот е ограден со поставување на метална ограда со врата за влез.
„Ова е првиот проект со кој почнуваме, со кој ја претвораме нашата држава во енергетски поефикасна. Ова е исто така пример за тоа како секоја поединечна институција, во овој случај Министерството за здравство, може да преземе одговорност за да биде енергетски поефикасна и поеколошка. Ние ќе продолжиме да ги конвертираме најголемиот дел од јавните објекти во нашата земја од корисници на тешки масла во енергетски поефикасни и поеколошки објекти“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Директорот на установата д-р Башким Исмаили истакна дека и во услови на КОВИД-19, не запре работата во однос на капиталните инвестиции.
„Ова е капитален проект за нашата установа и во ова време на пандемија кај нас овие капитални инвестиции не престанаа, иако нашето родилиште го носеше товарот. Согласно со Министерството за здравство и ГАК се пренасочија интервенциите во текот на целата пандемија, а кај нас немаше прекин во работењето. Не е само раѓањето, кај нас ургентната гинекологија и оперативното работење беа постојано во функција за време на пандемијата. За ова сакам да им се заблагодарам на сите вработени кои во ниту еден момент не се откажаа од професијата и од грижата кон пациентите“, рече директорот на Специјалната болница д-р Исмаили.