Премиерот Заев по повод Денот на Бошњаците: Бошњаците се нераскинлив дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава и се исклучително драгоцен сегмент во концептот „Едно општество за сите"

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вечерва во село Оризари, Велес, присуствуваше и се обрати на свечениот настан по повод одбележувањето на Денот на Бошњаците – 28 Септември.

Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

„Ми претставува особена чест да бидам со вас и да присуствувам на овој настан, во пресрет на утрешниот Ден на Бошњаците - 28 Септември.

Дозволете ми од мое лично име, и од име на Владата да ви упатам искрени честитки по повод празникот и да ви посакам добро и празнично расположение. Да ви посакам многу здравје, успех, благосостојба и просперитет.

Денеска, заедно со вас по 13-ти пат го празнуваме денот кој го симболизира враќањето на националното име „Бошњак“ и именувањето на вашиот мајчин јазик како босански јазик.

Пријателите се познаваат во неволја, а токму припадниците на вашата заедница, Бошњаците секогаш во добро, но и во зло, активно учествуваат во политичкиот живот на Северна Македонија и значајно придонесуваат во изградбата и развојот на институциите на нашата држава.

Бошњаците се составен и нераскинлив дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава. Иако претставуваат мал по број, се исклучително многу вреден и драгоцен сегмент во концептот „Едно општество за сите“.

Владата на Република Северна Македонија и во иднина ќе продолжи да ги зајакнува институционалните можности за негување и унапредување на интересите и културните особености на бошњачката заедница.

Ми претставува особено задоволство фактот дека од 2018 година, во нашиот мандат, во образованието на учениците Бошњаци им е вратено правото на редовна настава на босански јазик.

Во овој мандат ќе ги формираме и националните совети на помалкубројните заедници, за да можете и вие Бошњаците да одлучувате што ви е вам важно и приоритет. Така ќе биде и за другите помалкубројни етнички заедници.

Владата останува посветена на афирмација на културата, посебностите и традициите на секоја заедница во нашата земја, а во таа смисла и грижата за натамошна интеграција на Бошњаците во македонското општеството.

Денес босанскиот јазик е дел од програмата на Националната телевизија, а токму овде во Оризари со децении се одржува значајната културно-спортска манифестација „Средби на Бошњаците“.

Во оваа прилика вредно е да се напомене дека во градењето на добри односи со сите земји во регионот, во 2017 и 2018 година нашата земја и Босна и Херцеговина потпишаа серија на билатерални договори, од кои издвојувам две важни работи:

- Наскоро граѓаните на двете земји ќе почнат да се движат само со лични карти
- Студентите од Македонија во БиХ ќе можат да студираат како домашни студенти. И обратно.

Годинава празникот го славиме во период кога сите ние се соочуваме со најголемата светска криза во новиот век предизвикана од КОВИД-19.

А токму врз начелата на почитување и солидарност ќе се справиме со непогодите и предизвиците, градејќи општество на еднакви можности - Едно општество за сите!

Во овој мандат Владата сериозно ќе се заложи за подобрување на квалитетот на образованието на јазиците на помалубројните заедници, па така и на квалитетот на образованието на мајчин јазик.

Со честитките за вашиот празник ја испраќам и пораката да продолжиме сите заедно да градиме просперитетна иднина и благосостојба.

Заеднички да чекориме по европскиот пат, да продолжиме со спроведувањето на реформите и да работиме на подобрување на квалитетот на живот и стандардот на граѓаните.

Благодарам“.