Владата на Република Северна Македонија на вчерашната редовна, 6-та седница, ја разгледа Информацијата за четвртиот сет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19, и го усвои пакетот кој е во насока на продолжување на мерките од претходните три сета мерки со цел понатамошно опоравување на домашната економија во периодот на враќање во нормала односно во новонастаната нормала.
Предвидено е четвртиот пакет мерки да се искористи во последниот квартал оваа година со цел ефектот во економскиот сектор да биде побрз и подиректен, потаргетиран, а некои од мерките е предвидено да продолжат или да започнат во почетокот на наредната година.
Пакетот економски мерки што беше усвоен на денешната седница на Владата има три столба. Првиот предвидува директна финансиска поддршка за граѓаните со цел стимулирање на потрошувачката со фокус на домашните производи и услуги и погодените сектори.
Вториот опфаќа директна финансиска поддршка и поддршка за ликвидноста на приватниот сектор и стимулирање на претпријатијата за враќање и задржување на работниците на работните места; и третиот столб е наменет за поддршка за финансиска и фискална одржливост воопшто во економија, вклучувајќи ја и финансиската стабилност на општините.
Таргетираните мерки кои се дел од четвртиот пакет мерки ќе го амортизираат ударот врз домашните погодени компании преку стимулирање на приватната потрошувачка со фокус на домашната понуда и поддршка на приватниот сектор односно економската активност и работните места. Пакетот предвидува фокусирана поддршка која ќе биде насочена и со цел да пристигне директно кај претпријатијата.
Мерките исто така вклучуваат финансиска поддршка за приватниот сектор, економијата и индустријата со цел воведување нови технологии, реструктурирање и зголемување на конкурентноста и продуктивност.
Целокупната вредност на финансиска поддршка за овој пакет е проценет на 28.898.380.000 денари, односно 470.000.000 евра.
На предлог на Министерството за образование и наука, на вчерашната седница е донесена Уредба за начинот на организирање и реализирање на наставата во вонредни околности во основните и средните училишта, со одлуки за времетраењето на часовите и на одморите, за почетокот на учебната година, како и Одлука за утврдување на максималниот број на ученици во паралелка во основните училишта и средните во услови на вонредни околности, за оние училишта кои добиле согласност за организирање настава со физичко присуство.
Уредбата за начинот на организирање и реализирање на наставата во вонредни околности во основните и средните училишта ги опфаќа и сите други активности како што се проверката на постигањата на успехот на учениците, организирањето на практичната настава, и другите наставно-образовни активности.
На оваа седница е усвоена и Информацијата, и беа усвоени протоколите за постапување на посебните основни училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/21 година за посебните училишта ПОУ „Иднина“-Скопје, ПОУ „Маца Овчарова“- Велес, ПОУ „Д-р Златан Сремец“- Скопје, ЗРДОСГГДПР „Кочо Рацин“- Битола, ПОУ „Св.Климент Охридски“- Ново Село, Струмица, ДУРДМОВ „Димитар Влахов“- Скопје, и ЈУ Завод за заштита и рехабилитација „Бања Банско“- Струмица.
Владата денеска ја разгледа и усвои и Информацијата за реализација на наставата во средните училишта за ученици со посебни образовни потреби во учебната 2020/2021 година, и ги усвои поединечните протоколи за постапување во средно образование за ученици со посебни образовни потреби.
На седницата беа усвоени и протоколите за работа во услови на справување со вирусот КОВИД-19 во јавните ученички домови и во државните студентски домови и други објекти за сместување во Република Северна Македонија во академската 2020/21 година.
На оваа седница Владата го усвои Извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, за период од 18.09.2020 година до 25.09.2020 година.
Листата на дадени согласности за организирање на настава со физичко присуство е поставена на веб страницата на владата на следниот линк: https://vlada.mk/sites/
На денешната седница Владата на Република Северна Македонија го разгледа Прегледот со приоритетни предлог – закони од делокругот на надлежностите на министерствата кои Владата, кои со дополнувањата утврдени на оваа седница, ќе бидат испратени до Собранието на Република Северна Македонија за да се донесат до крајот на 2020 година.