Заев: Ја следиме миграцијата на капиталот во нашиот регион заради пристапот до европскиот пазар и ние таа наша геостратешка предност мора да ја искористиме

„Имаме програма за дополнително мотивирање на нови инвестиции со странски капитал. Ја следиме миграцијата на капиталот во нашиот регион токму заради пристапот до европскиот пазар и големата платежна моќ на европскиот континент и ние нашата географска и геостратешка позиција мора да ја искористиме. Да ги искористиме темите во кои светот вложува. Енергетиката и енергетската ефикасност, дигитализацијата и сите други високи современи технологии кои се иднината на развојот“, потенцираше претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во дебатната емисија „Економски магазин“ на ТВ АлсатМ.

„За нас сите компании се домашни. Во таа насока така се димензионирани политиките за поддршка на инвестициите. Од една страна постоечката финансиска поддршка, а од друга страна новата програма за стратешки инвестиции за да ги привлечеме најголемите компании кај нас. Во овој момент се разговара за странски инвестиции вредни 3 милијарди евра. Поддршката на домашните компании оди во насока на тоа да ги направиме капацитетни за да бидат конкурентни на странскиот пазар. Мора да ја подигнеме продуктивноста од 43% за да се постигне конкурентност за да се влезе на тој пазар“, рече премиерот Заев и додаде дека Владата започна политики за олеснување на работењето на компаниите и за зајакнување на нивните капацитети за попродуктивно работење.

„За намалување на парафискалните давачки креиравме антикризни мерки уште во првиот месец од работата на Владата. Свесни за сите давачки што го обременуваат целото стопанство од малите до средните и големите компании. Вториот дел се царинските тарифи и нивното усогласување со автономните мерки, кои до крајот на годината ќе се утврдат со законски решенија усогласени со европската регулатива“, нагласи премиерот Заев и потсети дека за прашањето за квалификувана работна сила веќе се во тек процеси кои со дуалното образование ќе создадат квалификувана и конкурентна работна сила за потребите на пазарот на трудот, односно на реалниот сектор.