Инспекциските служби ќе вршат интензивни контроли за време на викендот без ДДВ за почитување на здравствените протоколи и цените на производите

Инспекциските служби за време на викендот без ДДВ, ќе продолжат со интензивни контроли на терен, во делот на почитување на здравствените протоколи, како и на цените на производите.

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе спроведува контроли со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите. Конкретно ДПИ ќе врши контрола дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците, соодветствуваат со истакнатите цени на производите. Паралелно ДПИ, ќе спроведува интензивни контроли во однос на почитување на здравствените КОВИД протоколи во моловите и трговијата на мало (маркети, бутици итн). Конкретно, во моловите, дали се почитуваат мерките во делот на одржување на физичко растојание меѓу купувачите и продавачите од 1,5-2м, работно време, дали е обезбедена заштитна опрема (маски и ракавици), одржување на ред за влез во продавниците, обезбедени средства за дезинфекција, редари, регулирање на бројот на купувачи согласно квадратурата на продавницата, ред при пробување во продавниците за облека, обeлежани места за чекање пред касите и друго. Во делот на трговијата на мало, ќе се контролира почитувањето на протоколите во однос на запазување на големината на објектот и дозволеното присуство на бројот на купувачи, заштитна опрема за вработените (маски и ракавици), редарска служба, соодветни ознаки за правец на движење. За непочитувањето на здравствените протоколи предвидени се глоби во зависност од големината на трговците.    

Од страна на ДПИ се преземени сите активности за превенирање на можни пропусти за време на викендот без ДДВ, за што се известени поголемите трговци и менаџери на моловите.

Воедно, продолжуваат интензивните контроли од страна нa сите инспекциски служби во зависност од нивните надлежности (Државен санитарен и здравствен инспекторат, Агенција за храна и ветеринарство Државен инспекторат за транспорт, Државен инспекторат за труд, Агенција за лекови) во однос на почитување на здравствените протоколи.

 Инаку, на последната владина седница се усвоија измените на Законот за заштита на население од заразни болести со кои сите инспекциски служби ќе добијат нови поголеми овластувања за справување со прекршителите на КОВИД протоколите. Досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави за непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување на забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и локално ниво. Конкретно, доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти кои не ги почитуваат мерките. Дополнително според новите законски измени, висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект.

Со оглед на трендот на зголемување на бројот на заболени од вирусот КОВИД-19, апелираме граѓаните, како и трговците, да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот, со цел да се спречи негово ширење. Заштитата на јавното здравје е врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија, и затоа нема да има толеранција за прекршителите на здравствените КОВИД протоколи.