Новоименуваниот портпарол на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски, денеска ја одржа првата прес-конференција во владиниот Медија центар, со што повторно се воведува практиката на редовни прес-конференции на портпаролот по завршувањето на владините седници.
На прес-конференцијата одговарајќи на новинарско прашање за несоодветната и провокативна изјава на министерот за одбрана на Република Бугарија, Красимир Каракачанов, дека е подготвен да испрати инженерски полк и ги отстрани спомениците и спомен-плочите на кои пишува фашистички окупатор, портпаролот Арсовски го наведе ставот на министерката за одбрана Радмила Шекеринска и истакна дека ваквите изјави се недостојни и недолични, како и дека претставници на две земји членки на НАТО не може на ваков начин да комуницираат меѓу себе.
Воедно портпаролот Арсовски изрази убеденост дека Бугарија како земја-сосед која прва ја призна независноста на Северна Македонија и која беше прв промотор на нашата интеграција кон НАТО и ЕУ нема да помисли да го оспорува правото на идентитетско самоопределување на пријателскиот македонски народ.
Тој го изрази оптимизмот на Владата на Северна Македонија дека ова не е став на мнозинството во Бугарија и дека ќе се изнајде решение со кое ќе се надмине ова недоразбирање со нашиот сосед.
Во однос на новинарското прашање за декриминализација и депенализација на канабисот, портпаролот Арсовски истакна дека Владата е подготвена суштински да пристапи кон оваа тема преку измени во Кривичниот законик и Законот за прекршоци.
„Потребно е да има широка и стручна дебата каде ќе бидат вклучени сите засегнати страни, институции, граѓански здруженија, медицинската фела. Треба да се видат ефектите од користењето, понатаму системот за контролирање, како тоа ќе се контролира и изведе. Ова е процес во кој неопходен е ставот на сите. Предложено од Владата е донесување на измени и дополнувања на Законот за опојни дроги ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели кои ќе поттикнат нови инвестиции, развој и нови работни места“, истакна портпаролот Арсовски.
Тој наведе дека во овој момент, одгледувањето на канабис е дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на канабис издадено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата на Република Северна Македонија.
Во однос на прашањето за евентуално воведување вонредна состојба, портпаролот Арсовски го пренесе владиниот став, дека нема во моментот потреба од такво нешто имајќи предвид дека имаме активно Собрание.
Воедно тој го повтори апелот на Владата до сите пратеници веднаш да ги прифатат законските измени за здравствените мерки, бидејќи се работи за здравјето и животот на граѓаните.
Портпаролот Арсовски на оваа прес-конференција ги соопшти одлуките од вчерашната 13-та седница Владата на Република Северна Македонија меѓу кои и дека:
- Владата ги разгледа и прифати препораките на Комисијата за заразни болести да се ограничи работно време на сите угостителски објекти до 23:00 часот, освен оние што вршат испорака, како и да се ограничи капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.
- Владата ја прифати и препораката целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, организирањето на работата да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите.
- Владата го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење со кој се предвидува изградба на посебен вид на градби односно модуларни градби за здравствена дејност, чија изградба е финансирана со средства од Буџетот на Република Северна Македонија или со средства од Европската Унија односно друга меѓународна организација, заради зголемување на ефикасноста на здравствениот систем при справувањето со коронавирусот КОВИД-19.
- Претседателот на Владата Заев ја информираше Владата дека го прифатил барањето на заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, задолжен и за спроведување на Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата и дека ќе му препорача на Управниот одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да ја разреши директорката Лидија Димова заради неетично постапување во извршувањето на нејзината функција, поврзано со индиции за несоодветно финансиско работење и за негрижа за одржувањето на имиџот на институцијата во јавноста.
- Владата денеска го утврди најновиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за научно-истражувачка дејност. Со предложените измени се пролонгира рокот за избор во научни звања, односно лицата кои се фаза на стекнување на овој статус да ги завршат докторски студии и да бидат избрани во научно звање научен соработник, со што се надминува состојбата поради која немаше законски основа за исплата на септемвриската плата во научните институти.
- Владата им препорачува на деловните банки да обезбедат пензионерите со октомвриските пензии да може да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 27.10.2020 година, а готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, да биде организирана во четири групи според висината на пензијата.
- Владата ги именуваше Сашо Тасевски за директор на Бирото за јавна безбедност при МВР и Пеце Мирчески за директор на Службата за општи и заеднички работи во Владата, додека пак Висара Риза е разрешена од должноста в.д. директор на Агенцијата за лекови и медицински средства и на таа позиција е именуван Лирим Шабани.