Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев имаше заедничка прес-конференција со премиерот на Република Косово, Aвдулах Хоти во рамки на официјалната посета на нашата земја.
Во продолжение ви го испраќаме обраќањето на премиерот Заев:
„Прво дозволете ми да му посакаме уште еднаш добредојде на премиерот Хоти.
Нашите држави имаат одлични билатерални односи и успешна соработка водена од принципите на меѓусебна поддршка и почитување.
Доказ за тоа е и оваа официјална посета на премиерот Хоти, која се реализира во овие сложени услови заради пандемијата со КОВИД-19.
Тоа силно говори дека нашите држави имаат и интерес дополнително да ги засилиме и продлабочиме билатералните односи и соработката во сите области од взаемен интерес.
Во таа насока очекуваме интензивирање на политичкиот дијалог и одржување на веќе најавуваната прва заедничка седница меѓу Владите на двете земји штом условите ќе го дозволат тоа. Тој настан ќе биде позитивен импулс за натамошен развој и интензивирање на нашите односи и севкупната соработка.
Како придонес кон натамошно зацврстување на добрососедските односи очекувам дека испраќањето на 44 припадници на Армијата на Северна Македонија во составот на КФОР ќе ја зајакне натамошната стабилност како на Косово, така и стабилноста и безбедноста на целиот регион.
Почитувани,
Нашите економии, по структура, но и по сите основни начела на функционирање се насочени една кон друга.
Со цел да ја унапредиме економската соработка и комуникацијата нагласено се работи на инфраструктурното поврзување на нашите земји како дел од регионалната соработка.
Во овој контекст сакам да истакнам дека нашата географска блискост дополнително ќе ја приближи изградбата на автопатот Скопје - Приштина.
Овој автопат е од посебно стратешко значење не само за нашите земји, туку и регионот.
Тука со задоволство сакам да посочам дека од наша страна се во тек подготвителните работи за почеток на изградбата на автопатот Скопје – Блаце.
Доказ за нашите искрени заложби за унапредување на соработката и овозможување слободен проток на лица и стоки, е големиот чекор, кој беше направен со отворањето на граничниот премин Белановце - Станчиќ.
За Северна Македонија без сомнеж Косово е еден од најзначајните трговски партнери.
Трговската размена меѓу нашите земји се одвива слободно без царини, согласно ЦЕФТА Договорот и Договорот за економска соработка.
За ова повеќе од јасно говорат бројките: Северна Македонија е една од 5-те држави со кои Косово остварува највисока трговска размена.
Имено и во вакви вонредни услови наметнати од КОВИД-19 вкупната трговска размена заклучно со август 2020 е речиси 170 милиони евра.
Почитувани,
Секое унапредување на односите меѓу соседите, носи стабилност и просперитет за целиот регион.
Токму затоа го поздравуваме Договорот за нормализирање на економските односи меѓу Република Косово и Република Србија, кој беше постигнат во Вашингтон.
Воедно даваме поддршка на дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој е воведен од Европската Унија. Искрено посакуваме успех. Поддржуваме взаемно прифатливо решение кое ќе го гарантира и зацврсти мирот и безбедноста во нашиот регион, ќе овозможи просперитетна иднина за сите граѓани и ќе го забрза процесот на интегрирање во ЕУ.
Во оваа прилика сакам да ја искажам нашата искрена поддршка на Косово што поскоро да постигне напредок во интеграцијата кон ЕУ, преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и во добивањето на визна либерализација.
Почитувани,
Нашиот народ вели дека соседите не се бираат, но секогаш први притекнуваат на помош. Токму затоа очекуваме Косово да се вклучи во засилената регионална соработка, која ја предводат Северна Македонија, Србија и Албанија, со цел нејзиниот инклузивен карактер да биде приоритет за регионот, без разлика на отворените политички прашања.
Ова е пред сè од интерес на нашите граѓани, првенствено за имплементацијата на четирите слободи на ЕУ во Западниот Балкан: слободното движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, а што ќе овозможи и побрза интеграција и усогласување со Европската Унија.
Токму заедничкиот ангажман, кој произлегува од самиот регион, ќе претставува силна додадена вредност за нашата европска перспектива и за веќе постојните иницијативи кои се во таа функција - Берлинскиот процес и Регионалниот совет за соработка“.