Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, заедно со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, одржаа прес-конференција, на која информираа за одлуките кои ги донесоа на утринскиот состанок со Комисијата за заразни болести.
„Се соочуваме со еден многу силен бран на вирусот, ситуација која значајно ги оптоварува сите сегменти во здравствениот систем, од лабораториските капацитети, тестирањата, болничките капацитети, сместувањата на пациентите. Ова е ситуација која ја очекувавме, се најавуваше не само кај нас, туку и во многу други земји во регионот, во Европа гледаме што се случува, во сите други земји пртактично сличната ситуација и сличните проблеми и предизвици. Мора граѓаните да покажат свесност, да ги почитуваат мерките, пакетот на мерки кој е сега веќе на сила, дополнително со овој пакет кој утре треба да помине со измената на Законот за заштита на населението за заразни болести, верувам дека доколку доследно се почитува ќе даде соодветни резултати“, изјави Филипче.
Тој инфомираше дека во однос на капацитетите на болниците, во модуларната болница до Инфективната клиника веќе се сместуваат пациенти, тука се уште има слободни кревети, меѓутоа и тој капацитет забрзано се пополнува.
„Имајќи го тоа во предвид, направивме план за обезбедување дополнителни болнички капацитети, најпрво во болницата во Козле - 40 кревети за кои има кадар кој таму може да работи, зајакнат со колеги од Инфективната клиника, една колешка е веќе таму и практично ја организира работата и подготовката на целокупните капацитети. Уште две одделенија се подготвуваат во ГОБ „8 Септември“, со кадарот кој таму работи и до крајот на денот треба тој план да го заокружиме за да биде подготвен и тој дел. Се надевам дека ќе се најде соодветен начин да не се загрози останатиот дел од работата. Исполнети се болничките инфективни одделенија и во другите градови, со Куманово комуницираме и се праќаат пациенти во Скопје, во Штип се прави комуникација со болницата во Кочани за сместување на пациенти. Во болницата во Струмица во текот на овие следни два-три дена ќе се обезбеди целосно функционирање на новиот крак, каде има практично и централен довод на кислород и тука ќе може да бидат сместени вкупно 100 пациенти, во моментов има 20-тина на инфективниот оддел и околу 15 на одделот за интерни болести“, рече министерот Филипче и додаде дека дополнителен капацитет во болницата во Битола се обезбедува на интерното одделение, исто така и во болницата во Прилеп. Во Охрид се менаџира со интерното одделение. Тука има слободни кревети, нешто поголем број на исписи имаше во болницата во Гостивар и одделението таму е полупразно, значи може да се сместуваат пациенти доколку треба. Во Тетово на располагање се дополнителен број од 100-тина кревети, во моментот се сместени 26 пациенти.
Министерот Филипче истакна дека важен е кадарот и се мобилизираат лекарите интернисти од болниците за да може да помогнат во лекувањето на овие пациенти, а тука кај нас во клинички центар за поддршка на Инфективната клиника, повеќе клиники од интерните гранки, како и Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, кој практично огромен број од кадарот го намени да биде на помош на колегите на Инфективната клиника.
„Денеска имавме состанок со претседателката на Лекарската комора и претставникот на приватните лекари во рамки на ЛКМ и за среда закажавме состанок со сите приватни интернисти во државата, кои имаат договор со ФЗОМ, вкупно се 56 од кои половина во Скопје за да може да се вклучат во системот на дежурства во сите овие болници каде се лекуваат пациентите заболени од ковид. На денешната седница на Владата е ставена информацијата со која ќе се овласти Министерството за здравство да го потпише и посебниот договор преку заедничкиот рамковен договор со Европската унија за набавка на лекот Ремдесивир и освен преку СЗО тој лек следниот период ќе биде достапен и преку оваа набавка, која за многу кратко време после потпишување на договорот очекуваме да пристигне во земјата. Министерството за финансии обезбеди соодветна сума на средства, станува збор за таканаречен “заеднички план за набавка“ преку Европската комисија за набавка на ремдесивир за повеќе од 30 земји во Европа по истиот систем“, потенцираше Филипче.
Тој посочи дека се разговарало и за згомената потреба за тестирање. Во таа смисла се обезбедија дополнителни капацитети и број на тестови во повеќе институции. На дневно ниво 150 повеќе во Институтот за јавно здравје, 100 односно двојно повеќе во Центарот за јавно здравје, што го обезбедуваме со лекар микробиолог што ќе работи втора смена и 100 во лабораторијата во болницата Козле. Значи, 350 повеќе тестирања во текот на денот, а ние почнуваме уште една паралелна постапка сега многу забрзана со скратени рокови за што чекаме мислење од Бирото за јавни набавки за брзите тестови за да имаме една количина која може порано да стигне во однос на она што иницијално го започнавме“, рече министерот Филипче.
Во однос на најавената помош од респиратори од НАТО, министерот Филипче потенцираше дека 60 респиратори и лична заштитна опрема ќе пристигнат во земјава во петок, после што соодветно ќе бидат поделени и распределени по јавно здравствените установи, согласно потребите, експертизата и бројот на пациенти кои се лекуваат.
„Утре е Законот за заштита на население од заразни болести во собраниска процедура, верувам дека сите пратеници свесни за тежината на ситуацијата во која се наоѓаме навистина брзо ќе го изгласаат Законот, заради тоа што тој пакет мерки, кој е таму предложен, заедно со овој кој е сега на сила, практично се мерки кои гледаме дека се имплементираат и се користат и во други европски земји и веруваме дека може значајно да го редуцираат преносот на вирусот. Во овој момент сметаме дека дополнителен пакет или друга форма на мерки не треба да се имплементира, ниту пак да се препорачуваат. Уште еднаш апел сите да се придржуваат до овие мерки и така со сопствената одговорност практично ќе придонесат епидемијата да стивне“, информираше Филипче.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р. Караџовски апелираше до граѓаните да се придржуваат до мерките и да ги почитуваат работата и трудот на здравствените работници.
„Здравствениот систем трпи, но здравствениот систем има можност да ги растегне клиничките капацитети и во делот од новите интернистички одделенија кои ќе се отворат. Од тука е и нашиот апел до граѓаните да ги почитуваме мерките и да имаме разбирање за здравстевните работници. Тие се тие и немаме други со кои што ќе направиме замена. Почитувајќи се себе си, ги почитувате и вашите семејства, ги почитувате здаравствените работници и го почитуваме системот. Ние финасиски ќе издржиме. Прашање е кога здаравствените работници ќе паднат. Ние нема да го дозволиме тоа. До последни капки од нас ние ќе работиме.“ – изјави Караџовски.
Во однос на мерките, д-р. Караџовски потенцираше: „Ако некој знае нова мерка нека ни ја каже и ние како здравствена комисија ќе ја прифатиме. Но тоа да биде мерка која е прифатена во светот. Ние работиме согласно светските протоколи. Протоколот кој го дава СЗО за Германија, Франција и Шпанија за лекување ни го дава истиот и нас. Ајде да застанеме сите заеднички сплотени во оваа борба. Да не дозволиме луѓе кои не се во струката да зборуваат за епидемиологија или уште полошо лекување. Немојте некој кој не излегол од канцеларија да се прави најголем лекар овде.“