Руската фармацевтска групација „Протек“ гради фабрика во Бунарџик
Со поставување камен-темелник денеска во слободната економска зона Бунарџик почна да се гради нова фабрика на компанијата „Продис“ дел од рускиот фармацевтски холдинг „Протек Груп“, во која ќе се произведуваат природни и здрави производи.
Станува збор за инвестиција во вредност од пет милиони евра која ќе се одвива во две фази при што ќе обезбеди вкупно 300 нови вработувања, најави сопственикот на „Протек Груп“ Вадим Сергејевич Јакунин на поставувањето камен-темелник во присуство на премиерот Никола Груевски, вицепремиерите Зоран Ставрески и Владимир Пешевски и претставници на други институции.
- „Продис“ ќе произведува хомеопатски лекови, органски и неоргански производи од житарки, како и органски и неоргански чаеви, витамини и минерали. Ќе извезува покрај во Руската Федерација и на пазарите во поранешните советски и југословенски републики и во прекуокеанските држави, рече Јакунин.
Според него, мисијата на Продис е да понуди хомеопатски лекови и здрави органски производи за подолг и поздрав живот со одбрано потекло, висок квалитет и конкурентни цени. Во првата фаза, во наредните две години, треба да профункционира првиот дел од производниот капацитет на фабриката на површина од 4.000 метри квадратни. Во таа фаза ќе бидат вработени 130 лица. Во втората фаза, до 2015 година, ќе следи доградба на производниот објект за уште 3.500 метри квадратни и 130 нови вработувања. Тогаш ќе се обезбеди целосно производство на хомеопатски лекови од суровина до финален производ.
Премиерот Груевски го истакна значењето на првата руската инвестиција во фармацевтската индустрија и изрази надеж оти ќе следат руски инвестиции и од другите сектори покрај присутните во енергетскиот и рударскиот.
- Токму од Македонија гигантот „Протек“ преку нивната овдешна компанија „Продис“ ќе ги пробива своите производи во Југоисточна Европа, Русија и прекуокеанските пазари во САД и Австралија. Со тоа американскиот „Џонсон контролс“, британскиот „Џонсон Мети“, италијанскиот „Технокозе“ и американскиот „Кемет електроник“ добиваат нов сосед на Бунарџик, рече Груевски, оценувајќи дека Бунарџик кој пред пет години беше ливада денес прераснува во вистинска индустриска база во која покрај компонентите за автомобилската индустрија свое место најде и фармацевтската.
Покрај во Бунарџик инвестиции се очекуваат и во слободните економски зони во Штип и во Тетово. - За Штип се заинтересирани две крупни компании и веќе се пред одлука за инвестирање, рече Груевски, оценувајќи дека трендовите за инвестирање ќе продолжат како резултат на владините политики за поттикнување и задржување стабилен економски раст и постојано унапредување на бизнис-климата.
Според Груевски, инвестицијата на „Продис“ е значајна и поради индиректните вработувања, бидејќи, како што рече, компанијата планира освен сопствени плантажи за разни билки да склучи и договори за гарантиран откуп и со многу индивидуални производители.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека успешните економии се карактеризираат со нови инветиции, отворање нови работни места, нови фабрики и инвестиции во инфраструктурата.
- Новата инвестиција во Бунарџик ќе помогне да се намали технолошкиот јаз меѓу македонските и странските компании, а со директните и индиректните вработувања ќе се ублажи и поблемот на невработеноста, оцени Ставрески. Истакна дека е значајно што 95 отсто од производите на „Продис“ ќе бидат наменети за извоз при што ќе се користат македонски суровини и домашна работна рака. Ќе може да работи профитабилно бидејќи стратешкиот инвеститор е добро етаблиран на пазарите.
Договорите со кои почнува реализацијата на инвестицијата, денеска претходно во македонската Влада ги потпишаа директорот на „Продис ДОО“ Коста Димов и првите луѓе на Агенцијата за странски инвестиции и на ТИРЗ Скопје 1 - Бунарџик, Виктор Мизо и Наташа Хаџилега, во присуство на премиерот Груевски и високи претставници на руската групација.
„Протек Груп“ е еден од најголемите фармацевтски холдинзи во Русија. Се занимава со производство, дистрибуција и трговија со лекови и козметика. Вработува 12.000 луѓе. Нивното мото е „Ние ги чуваме луѓето здрави и убави“. „Протек Груп“ постои од 1990 година и е најголем дистрибутер на лекови и козметика во Русија. На рускиот и украинскиот пазар холдингот има 655 аптеки.