Претседател на Владата на Република Северна Македонија

Претседател на Владата на Република Северна Македонија

Зоран Заев

Официјален е-маил: info@vlada.gov.mk
Фејсбук страна: www.facebook.com/zaevzoran
Твитер профил: www.twitter.com/Zoran_Zaev
Инстаграм профил: www.instagram.com/zoranzaev

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, е роден на 8 октомври 1974 година во Струмица.

Израснал во скромно, земјоделско и традиционално семејство. Почнувајќи од рана возраст, тој и неговиот помлад брат биле вклучени во земјоделскиот семеен бизнис, како единствен извор на приход. Заев и неговиот брат беа воспитани да бидат вредни луѓе кои никогаш не ги одложуваат обврските и веруваат дека постои решение за секој проблем. Подоцна во својот живот, ја запознал неговата сопруга Зорица Заева со која има две деца, Александра и Душко.

Зоран Заев беше средношколец кога Македонија ја стекна својата независност во 1991 година. Покажува афинитети за математиката и беше опкружен со членови на семејството кои беа просперитетни бизнисмени, активни и почитувани во социо-политичката и економската сфера на македонското општество.

Во 1997 година, Заев дипломирал на Економскиот факултет на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ каде што продолжил со постдипломски студии по монетарна економија и финансии.

Инспириран од деловниот успех на неговиот вујко, веднаш почнал да работи во семејното трговско друштво „Тргопродукт“, и за 5 години напредувал до менаџерската позиција. Дополнително, бил член на неколку одбори на компании, банки и јавни претпријатија.

Зоран Заев е член на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) од 1996 година, а од 2003 до 2005 година е пратеник во Собранието на Република Македонија.

Во 2006 година е избран за потпретседател на Централниот комитет на СДСМ, а во 2008 година стана в.д. претседател на Партијата.

Од 2013 година, Зоран Заев е лидер на СДСМ.

Во 2005 година, Заев стана градоначалник на градот Струмица, како најмлад градоначалник во земјата. Под негово водство, градот оствари економски подем и стана град со најдобар кредитен рејтинг.

Градот, и Зоран Заев, како градоначалник, во периодот на неговиот мандат како прв човек на општината, освоија повеќе награди и признанија. Во два наврати, во 2008 и 2009 година градот ја освои највисоката национална награда во областа на животната средина, а Заев, како градоначалник ја освои Наградата за најдобри практики на Советот на Европа, за првото јавно-приватно партнерство во земјата, имплементирано во изградбата на објектот „Глобал“ во Струмица.

По победата на локалните избори во 2013 година, го започна својот трет последователен мандат како градоначалник на овој град, и оваа функција ја извршува до декември 2016 година.

Покрај очигледниот успех во развојот на градот, Зоран Заев стана еден од најпопуларните политичари во Македонија поради неговата отвореност и достапност. Тој беше единствениот градоначалник кој на својата работа ѝ даде најголема јавност и транспарентност преку редовните, месечни настапи на локална телевизија, каде што ја претставуваше работата на општината и одговараше на сите прашања на граѓаните.

Како лидер на политичката опозиција во земјата, Зоран Заев стана синоним за храброст и предводник во борбата за правда, слобода и демократија.

Во февруари 2015 година, Заев го започна проектот „Вистината за Македонија“, објавувајќи го прислушкуваниот материјал со кој беа откриени криминалните активности на владата предводена од Груевски. Отпорот кон автократската влада продолжи со активната улога на лидер на СДСМ во кампот „Слобода“, кој беше организиран од протестното движење Граѓаните за Македонија - неформална коалиција на политички партии и граѓански организации кои заеднички се организираа за враќање на демократијата во општеството и за ревитализација на јавните институции во служба на граѓаните.

На 17 мај 2015 година, ова движење организираше историски најголем натпартиски и граѓански протест во Скопје со повеќе од 100.000 граѓани пред зградата на Владата.

Најавената аболиција на претседателот Иванов за тогашните високи владини претставници ги поттикна граѓаните на земјата на масовно протестно движење наречено „Шарена револуција“. Движењето започна во април 2016 година, се рашири низ целата земја и траеше 100 дена.

Зоран Заев го создаде и промовираше концептот „Едно општество за сите“, како мозаик на заедничко живеење на различните култури и заедници во земјата, најавувајќи го идниот развој на Северна Македонија како место за живот на сите граѓани, без оглед на нивната етничка, политичка и било каква определба. Овој обединувачки концепт беше движечката сила за успехот на СДСМ на парламентарни избори во 2016 година, за убедливата победа на локалните избори во 2017 година и за победата на Стево Пендаровски на претседателските избори во 2019 година.

По „Пржинскиот договор“ и парламентарните избори во 2016 година, проследен со тежок период на политички превирања, вклучувајќи го и насилниот инцидент во Парламентот на 27 април, на 31 мај 2017 година, Зоран Заев беше избран за премиер на Република Македонија и го доби мандатот на граѓаните да ја предводи новата влада ориентирана кон реформи. 

На истекот на втората година од мандатот на Владата на Заев, Европската комисија го објави историски најпозитивниот извештај за напредокот на земјата во кој беа нотирани темелните реформи спроведени во земјата низ политички дијалог и соработка со сите парламентарни партии и особено со опозицијата.

Премиерот Заев, уште во стартот на својот мандат ja поведе земјата кон евро-атлантска интеграција, со фокус на добрососедската политика и враќање на довербата на нашите стратешки партнери од ЕУ и САД.

Како резултат на овие интензивни активности уште во август 2017 година, беше потпишан Договорот за стратешко партнерство, пријателство и добрососедство со Република Бугарија, а во јуни 2018 година, во Преспа, беше потпишан историскиот договор со Република Грција за решавање на прашањето со името на нашата земја и за воспоставување пријателство и соработка.

Со решенијата од Договорот од Преспа, нашата земја го прифати името Република Северна Македонија, а Грција се согласи дека граѓаните на нашата земја имаат целосно право да се нарекуваат Македонци, што го зборуваат македонскиот јазик.

Во јули 2018 година, во седиштето на НАТО во Брисел, на премиерот Заев му беше врачена поканата за членство во НАТО, односно за старт на процесот на пристапување со ратификација на Протоколот за пристапување во алијансата, кој започна веднаш после прифаќањето на уставните измени за спроведување на Договорот од Преспа.

За време на мандатот на Заев, државата постигна историски најниска стапка на невработеност во јуни 2019 од 17,8%, како и највисока годишна стапка на директни странски инвестиции во износ од 624,5 милиони евра за 2018 година.

За време на својот двегодишен мандат, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, во земјата и во странство, оствари средби со најголемите и највлијателни светски лидери, а за своите успеси на политички план, заедно со премиерот Алексис Ципрас, ги доби највисоките признанија како што се наградата „Еван Фон Клајст“, што ја доделува Минхенската конференција за безбедност и наградата “Emerging Europe“ за најдобри практики во промоцијата на соработката, единството, инклузијата, разноличноста и позитивното размислување.

Премиерот Заев, заедно со неговиот колега Ципрас, во 2019 година ја доби и официјалната номинација за Нобеловата награда за мир.