Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска имаше телефонски разговор со премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов на кој најпрво му посака добро здравје и брзо опоравување од коронавирусот, на што Борисов информираше дека се чувствува многу подобро и дека здравствената состојба му е стабилна.
Во телефонскиот разговор премиерите Заев и Борисов разменија информации околу подготовките за претстојниот самит во Софија во рамки на Берлинскиот процес и договорија уште еден телефонски разговор за утрешниот ден на кој ќе биде донесена одлука дали состанокот на премиерите на земјите од Западен Балкан во рамки на Самитот во вторник ќе се одржи со физичко присуство во Софија или целосно онлајн.
Премиерите Заев и Борисов изразија меѓусебно уверување дека ќе продолжат да разговараат и директно и преку владините претставници и тимови, со цел изнаоѓање заедничко решение за отворените билатерални прашања во интерес на двете земји и во интерес на европските интеграции.