Груевски-Вујановиќ: Македонија и Црна Гора имаат заеднички евроатлански перспективи
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со претседателот на Црна Гора, г-дин Филип Вујановиќ.
На средбата се разговараше за повеќе аспекти на билатералната соработка помеѓу Република Македонија и Црна Гора која се карактеризира со традиционално пријателски односи.
Претседателот на Владата Груевски истакна дека двете земји делат заеднички вредности и заеднички европски и евроатлански перспективи.
Во тој контекст претседателот Груевски ги истакна активностите кои што Република Македонија ги превзема во однос на европските интеграции, при што го посочи отпочнувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво помеѓу Република Македонија и Европската унија.
Двајцата соговорници се осврнаа и на повеќе аспекти од доменот на економската соработка меѓу двете земји, при што беше посочено дека постои значителен простор за нивно унапредување, пред се во прехранбената, металната и дрвната индустрија, а исто така и во сферата на туризмот и воздушниот сообраќај.
На средбата беше заклучено дека Република Македонија и Црна Гора треба да продолжат со понатамошно развивање на меѓусебните пријателски односи и соработката, како во доменот на интеграциите во ЕУ и НАТО, така и во останатите сфери.