„Вистинските политичари, коишто се сметаат себеси за европски политичари мора да му дадат шанса на процесот и да најдат начин да се согласат. За тоа имаме и директна поддршка од канцеларката Меркел. Вчера, навистина имавме конструктивни разговори во пријателска атмосфера, разговаравме како соседи, кои имаат намера да ја обезбедат европската иднина на регионот и се надевам дека така и ќе продолжиме“, одговори премиерот Заев на новинарско прашање, дали во Софија било понудено да се потпише нов договор , со кој би се надминале отворените прашања, како што тврди бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов.
Премиерот Заев истакна дека искуството во преговорите со Грција го научиле дека, на Балканот, кога се работи за вакви прашања, вистинско решение мора да постои само ако двете страни од преговорите излезат како победници. Односно кога едната внимава на другата страна и обратно.
Во овој момент, додаде Заев, сè уште не сме стигнале дотаму во разговорите со Бугарија, но пред нас постојат услови за тоа.
„Тоа значи дека ќе продолжиме да разговараме, но не мислам дека тој процес треба да се случува преку јавни препукувања. Се разбира, ние ќе информираме суштински и на време за овие важни прашања, но нема да правиме шоу од овој сериозен момент за нашата европска иднина. Удирањето во гради е можеби атрактивно за домашната јавност и во двете земји, но не ја зголемува шансата за решение, и ние нема да го правиме тоа, секако и во периодот којшто претстои. Ние имаме свои јасни и прецизни позиции и ќе продолжиме да работиме со Бугарија во изнаоѓање на заедничко, победничко решение. Македонските идентитет и гордост сè и ќе останат големи како планина и без да мораме да правиме националистички спектакл од тоа“, подвлече претседателот на Владата, Заев.
Тој оцени дека е многу важно, како комшии и пријателски земји, заедно да чекориме на патот кон Европската Унија поддржувајќи се едни со други, бидејќи само така ќе донесеме напредок за сите наши граѓани, што е наша основна задача како политичари.
„Целта е, низ Договорот, преку двете комисии, а тоа е историската Комисија и Меѓувладината комисија да ги изнајдеме решенијата коишто секако ќе имаат дополнително појаснување, ангажман, посериозно имплементирање на обврските од Договорот, како што е Коридорот 8, позначајни економски проекти и слично, со конечна цел да имаме поуспешна реализација на договорот за пријателство. Очекуваме, овие денови да се интензивираат разговорите, за на крајот непосредно пред 17-ти, а тоа е вторник, да се обидеме да постигнеме решение“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.