Премиерот Заев и министерот Бесими за Буџетот 2021: Eкономска стабилност и забрзан раст со фокус на здравство и инвестиции

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими, на денешната прес-конференција го презентираа новиот предлог за Буџетот за 2021 година - Буџет за економска стабилност и забрзан раст, со долгорочна фискална консолидација за 2021-2025 година, кој понатаму ќе биде доставен за усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.

Премиерот Заев истакна дека Буџетот е избалансиран, со фокус на здравствениот систем, економијата, капиталните инвестиции, системска функционалност и поддршка на реформите во правосудството и евроинтеграциите.

Премиерот рече дека она што ни е општо познато, нам и на целиот свет кој се бори со пандемијата, е дека клучот за подобрување на економската состојба и состојбата на пазарот на трудот е подобрување на здравствената состојба и намалување на бројот на заразени лица.

„Во таа насока главните приоритети на буџетската политика во 2021 година се: Поддршка на здравствениот сектор како прв приоритет, што значи заштита на здравјето и животите на граѓаните, втора цел е економско заздравување и економски раст преку мерки за социјално ранливи категории, поддршка на економијата и зачувување на работните места. Нашиот фокус во текот на 2021 година колку што е можно повеќе го насочуваме на политики коишто ќе поддржат инвестиции за зголемување на конкурентноста и политики коишто ќе поддржат реализација на капиталните инвестиции, што на среден рок ќе значи одржлив раст односно забрзување на стапката на растот. Третиот приоритет на буџетската политика во 2021 година е непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евроатлантските интеграции“, изјави Заев.

Премиерот Заев подвлече дека фискалната консолидација и редизајнирањето на буџетската политика претставуваат клучни елементи на фискалната политика за поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија.

„Предлог Буџетот за 2021 година, обезбедува одржливост, рационализирање на трошењата со оптимизација на расходите на јавната администрација и дигитализација на јавните услуги како и прецизни проекции со цел ефикасно справување со епидемијата. Дополнително, обезбедена е буџетска резерва и во случај на продолжено траење на пандемијата“, изјави Заев и додаде дека во 2021 година, очекуваме економско заздравување и раст од 4,1% во услови на очекувано закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка.

Министерот Бесими рече дека фискалната консолидација, односно намалувањето на разликата помеѓу расходите и приходите во буџетот е неопходна за да се постават здрави основи за стабилна економија и раст.

„Оттаму, предвидовме политики со кои во следните пет години постепено ќе се намалува истиот – односно во 2022 година истиот е проектиран на - 3,8%, во 2023 година на -3,2%, во 2024 на -2,8% и 2025 година на -2,1%. Со ова на среден рок ќе се стабилизира и јавниот долг, односно проекцијата е дека до 2025 истиот ќе с намали на 58,8% од БДП. Фискалната консолидација ќе се постигне преку: подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и преструктуирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит“, изјави Бесими.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и истите се за 8,3% повисоки во однос на вториот Ребаланс 2020 година, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1% пониско во однос на вториот Ребаланс 2020 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 4,9% од планираниот БДП или во апсолутен износ од 34,9 милиони денари. Планираниот дефицит е во согласност со определбата за фискална консолидација, пропратена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и реализацијата на инфраструктурните проекти.

Владата согласно приоритетите се фокусира на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина.

Капиталните инвестиции се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20% повисоко во однос на планот за 2020 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори и тоа: буџетски средства, ИПА фондови и заеми.

Граѓански Буџет 2021


Обраќање на ПВРСМ за Буџетот 2021 година за економска стабилност и забрзан раст

 

Почитувани граѓани, претставници на медиумите,

На денешната прес конференција ќе го презентираме новиот предлог за Буџетот за 2021 година - Буџет за економска стабилност и забрзан раст, со долгорочна фискална консолидација за 2021-2025 година, кој понатаму ќе биде доставен за усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.

Глобална криза која ја живееме е различна од било која друга, а нашата цел е одржување на функционална Влада која ќе испорачува резултати за граѓаните на својата држава.

Донесениот буџет е во таа насока и ја унапредува агендата за постигнување напредок и во овие исклучителни моменти на глобална пандемија.

Генерално, Буџетот е избалансиран, со фокус на здравствениот систем, економијата, капиталните инвестиции, системска функционалност и поддршка на реформите во правосудството и евроинтеграциите.

Предлог Буџетот за 2021 година, обезбедува одржливост, рационализирање на трошењата со оптимизација на расходите на јавната администрација и дигитализација на јавните услуги како и прецизни проекции со цел ефикасно справување со епидемијата.

Дополнително, обезбедена е буџетска резерва и во случај на продолжено траење на пандемијата.

Во изминатиот период беа реализирани сеопфатни мерки за заштита на работните места, обезбедување на ликвидноста на Буџетот, сервисирање на најприоритетните обврски, како и сведување на минимум на сите помалку продуктивни трошења од Буџетот.

Она што ни е општо познато, нам и на целиот свет кој се бори со пандемијата, е дека клучот за подобрување на економската состојба и состојбата на пазарот на трудот е подобрување на здравствената состојба и намалување на бројот на заразени лица.

Во таа насока Главните приоритети на буџетската политика во 2021 година се:

1. Поддршка на здравствениот сектор како прв приоритет, што значи заштита на здравјето и животите на граѓаните, којшто е пресликан во Предлог-буџетот за 2021 година.

2. Втора цел е економско заздравување и економски раст преку мерки за социјално ранливи категории, поддршка на економијата и зачувување на работните места.
Нашиот фокус во текот на 2021 година колку што е можно повеќе го насочуваме на политики коишто ќе поддржат инвестиции за зголемување на конкурентноста и политики коишто ќе поддржат реализација на капиталните инвестиции, што на среден рок ќе значи одржлив раст односно забрзување на стапката на растот.

Се работи на оригинален функционален КАПЕФ механизам за подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции и развојните проекти, при што ќе биде воведена методологија за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст.
Тоа значи „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи.

3. Третиот приоритет на буџетската политика во 2021 година е непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евроатлантските интеграции.
Нашите развојни политики и покрај пандемијата ги усмеруваме во правец на економски раст и развој.
Фискалната консолидација и редизајнирањето на буџетската политика претставуваат клучни елементи на фискалната политика за поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија.

Планираната фискална консолидација опфаќа три главни аспекти:

  • Подобрување на наплатата на буџетските приходи, преку мерки за намалување на сивата економија, мерки за спречување и сузбивање на корупцијата, зајакнати инспекциски контроли;
  •  Намалување и реструктурирање на буџетските расходи, преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор, иновациите и зајакнување на конкурентноста, изразена социјална компонента и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите; и
  • Промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, преку репрограмирање на јавниот долг и издавање на развојна државна обврзница, како и поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, приватизација на дел од акционерските друштва во доминантна или делумна државна сопственост, како и на дел од земјиштето во државна сопственост, но и финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства и основање на Развоен фонд за стратешки инвестиции.

Почитувани,

Буџетот за 2021 година е составен дел на среднорочната буџетска рамка и процесот на среднорочно планирање 2021-2025, поддршка на економската стратегија на Владата на Република Северна Македонија, како и интегрален дел на Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст која се состои од 4 столба:

  1. Економско заздравување од КОВИД-19,
  2. Забрзан, инклузивен и одржлив економски раст,
  3. Зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, и
  4. Развој на човечките ресурси и еднакви можности, преку кои ќе се обезбеди макроекономска стабилност и финансиска одржливост, заздравување на економијата и забрзување на економскиот раст

Распределба на средства на буџет по функционални области е следна:

  • Економски работи 70,2 милијарди денари
  • Здравство 40,8 милијарди денари
  • Заштита на животна средина 1,4 милијарди денари
  • Образование 28,6 милијарди денари
  • Социјална заштита 90,28 милијарда
  • Обрана 9,92 милијарди денари
  • Јавен ред и мир 17,2 милијарди денари

Почитувани,

Во текот на 2020 година, значителното влошување на глобалното економско окружување и падот на надворешната побарувачка предизвикан од здравствената криза влијаеше врз активноста на домашните извозни компании и индустриското производство, приливот на приватни трансфери од странство, а ограничувачките мерки за спречување на ширење на коронавирусот во земјата имаа влијание врз дел од дејностите во рамки на услужниот сектор, како што се трговијата, транспортот, угостителството и туризмот.

Како резултат на ова, домашната економија, како и глобалната, се соочуваше со една од најдлабоките рецесии досега.

Одговорот на фискалната политика на пандемијата во земјата беше брз и значаен во поддршката на претпријатијата и вработените во најпогодените дејности и на ранливите категории на население.

Државната помош преку различни мерки кои ќе ги поддржат домашната побарувачка и извозната активност ќе продолжи во 2021 година со цел побрзо опоравување на домашната економија и создавање основа за забрзан економски раст на долг рок.

Кризата предизвикана од пандемијата со слични негативни последици ја погоди и европската економија, така што економската активност во ЕУ се очекува да забележи пад од 7,6% во 2020 година.

Во 2021 година, очекуваме економско заздравување и раст од 4,1% во услови на очекувано закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка.

Овој раст претпоставува и слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите. 

Планираната фискална консолидација, редизајнирањето на буџетската политика и Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст се цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на преткризната патека на раст во втората половина на 2022 година и обезбедување на побрза динамика на економски раст потоа.

Согласно индикативните проекции, економскиот раст во 2025 година се очекува да стигне 5,9%, а во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75% годишно.

И покрај присутните ризици поврзани со здравствената криза, а земајќи ги предвид досега реализираните четири пакети на економски мерки, со проекциите во Буџетот за 2021 година се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и истите се за 8,3% повисоки во однос на вториот Ребаланс 2020 година, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1% пониско во однос на вториот Ребаланс 2020 година.
Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 4,9% од планираниот БДП или во апсолутен износ од 34,9 милиони денари.

Планираниот дефицит е во согласност со определбата за фискална консолидација, пропратена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и реализацијата на инфраструктурните проекти.

Владата согласно приоритетите се фокусира на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина.

Капиталните инвестиции се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20% повисоко во однос на планот за 2020 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори и тоа: буџетски средства, ИПА фондови и заеми. 

Истите се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Ви благодарам на вниманието.


Обраќање на МФ Фатмир Бесими по повод Усвојување на Предлог-буџет 2021 од страна на Влада на Република Севeрна Македонија

Почитуван Претседател на Владата на Република Северна Македонија г-дин Зоран Заев,
Почитувана јавност,

Оваа година се соочуваме со една од најголемите општествени и економски кризи во последното столетие. Светот денес брои црни статистики на заразени од КОВИД-19 и луѓе кои ја загубија битката со болеста. Економските статистики не се ништо посветли. Очекувањата на ММФ за глобалната економија за 2020 година е пад од -4,4%.

Она што е најспецифично и ја прави оваа криза од толку големи размери е - неизвесноста. Имено, на крајот на 2019 се појави регионален здравствен проблем - кој во тоа време никој не очекуваше дека ќе прерасне во глобална здравствена криза. Здравствената криза почна брзо да се прелева и метастазира во економијата. Рестриктивните мерки - како карантините и затворањето на капацитетите, ја загушија глобалната активност. Глобалните синџири на добавување се нарушени. Проекциите за глобалната економија за 2020 година минатата година во ова време изнесуваа 3,4% раст, додека сега изнесуваат -4,4% пад, или за 7,8 процентни поени се пониски. Овој податок говори доволно за импактот и непредвидливоста пред се на оваа криза. 

Еден од најголемите американски претседатели Џон Ф.Кенеди рекол - „Ништо не е поизвесно и понепроменливо од неизвесноста и промената“. Исто така, рекол - „зборот криза на кинески се пишува со два симбола - едниот означува опасност, а другиот можност.“ Оваа криза може да биде добра основа за да работите се постават на вистинска основа, да практикуваме паметни јавни финансии кои ќе генерираат повисоки и одржливи стапки на раст.

За да се одговори на овој предизвик потребен е пред се долгорочен и сеопфатен план кој ќе одговори на широк спектар сценарија. Имајќи го предвид ова, пристапивме кон планирање на најзначајниот документ кој ги опфаќа сите политики и мерки кои се спроведуваат - односно Буџетот, на нов, подолгорочен и посеопфатен начин. 

Кога се подготвуваше буџетот за 2021 пристапивме согласно концептот на СМАРТ финансии. Планираме СТРАТЕШКИ, ПОДОЛГОРОЧНО и ОДГОВОРНО, воедно планираме тоа да биде ОДРЖЛИВО, РЕФОРМСКИ и ТРАНСПАРЕНТНО. Планиравме ПАМЕТНО. Се консултиравме со деловната заедница, експерти, универзитетски професори, Делегацијата на ЕУ, Светска банка, ММФ, меѓународната заедница и останати општествени чинители.

Со овој буџет почнуваме нов концепт, одиме подалеку од фискалната година од 12 месеци и ја менуваме со 5-годишна рамка. Оваа среднорочна рамка го опфаќа растот, дефицитот, јавниот долг, како и капиталните проекти - кои вообичаено се реализираат во повеќе буџетски години и немањето на среднорочна рамка е една од причините за послабата реализација.

Со овој буџет предвидуваме:

  1. Стратегијата за заздравување на економијата и забрзан раст или SmartER Growth 
  2. Политики за буџетска консолидација од 2021 до 2025 година и
  3. План на јавни инвестиции 2021-2025

1. Стратегија за заздравување на економијата и забрзан раст или SmartER Growth

Стратегијата за заздравување на економијата и забрзан раст е насочена, пред се, кон заштита на здравјето на граѓаните, стопанството и работните места, понатаму забрзување на процесот на ревитализирање на економијата и зајакнување на конкурентноста и забрзување на растот по завршување на фазата на ревитализирање.

Иако сме соочени со голема неизвесност, како што спомнав, и во голем број на европските земји започнува нов lockdown, што ќе влијае на синџирите на добавување и трговската размена, очекувањата се дека 2021 и 2022 година ефектите од рестриктивните мерки ќе ослабнат. Со ова се очекува период на глобален раст од 4,4% и од 4,2 во 2021 и 2022 година, респективно. 

Очекувањата за 2021 година за нашата економија е дека ќе забележи раст од 4,1% во 2021 година, по што во 2022 година се очекува раст од 4,6%, во 2023 од 5,2%, во 2024 од 5,6% и во 2025 од 5,9%. Проекцијата за 2025-2030 година е просечен раст на економијата од 5,75%.

Со цел да се поттикне ревитализацијата на економијата и да се поддржи нејзината стабилност, преку Стратегијата за економски заздравување и забрзан раст предвидени се следните компоненти: 

  • заздравување од КОВИД-19, 
  • забрзан, инклузивен и одржлив раст, 
  • зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и 
  • развој на човечките ресурси и еднакви можности.

Економското заздравување од КОВИД-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места.

По економското заздравување, предвидени се мерки и политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Тие ќе бидат во насока на добро управување - односно владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите. Исто така, обезбедување на фискална одржливост, макроекономска и финансиска стабилност. Обезбедување и на локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги.

Истовремено ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири. Понатаму ќе се дејствува во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, на подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството.

Инвестициите во човечки капитал остануваат меѓу врвните приоритети и во Стратегијата за ревитализација и забрзан раст. Ќе се работи на  развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување на поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување.

Со политиките и мерките кои ќе се спроведат во рамки на Стратегијата за заздравување и забрзан раст или Попаметен раст - SmartERGrowth, ќе се придонесе кон реализација на целта за побрз и одржлив економски раст - двојно повисок во однос на просекот во изминатите десет години.

2. Политики за буџетска консолидација од 2021 до 2025 година

Втор аспект, во однос на буџетските политики кои ги преземаме, се однесуваат на буџетската консолидација. Кризата годинава не стави и нас како економија, но и сите земји во светот, пред големи предизвици. Кај сите светски економии има проширување на буџетските дефицити со цел финансирање нa антикризните мерки, но и како резултат на пад на буџетските приходи. За да се одржи стабилност потребно е веќе од следната буџетска година да се преземат мерки за фискална консолидација, што е направено со предлог-буџетот за 2021 година. Исто така, направена е и среднорочна рамка која предвидува намалување на буџетскиот дефицит во следните 5 години.

Вкупните приходи и расходи се проектирани на реално ниво во Предлог-буџетот за 2021 година, со тоа што буџетските приходи се проектирани на 212,6 милијарди денари или за 8,3% повеќе во однос на вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Расходите за 2021 година се проектирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1% пониско ниво од расходите предвидени со вториот ребаланс на буџетот за 2020 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 34,8 милијарди денари или 4,9% од БДП. Ова е за 3,6 процентни поени помалку во однос на проектираниот буџетскиот дефицит за 2020 година.

Фискалната консолидација, односно намалувањето на разликата помеѓу расходите и приходите во буџетот е неопходна за да се постават здрави основи за стабилна економија  и раст. Оттаму, предвидовме политики со кои во следните пет години постепено ќе се намалува истиот – односно во 2022 година истиот е проектиран на - 3,8%, во 2023 година на -3,2%, во 2024 на -2,8% и 2025 година на -2,1%. Со ова на среден рок ќе се стабилизира и јавниот долг, односно проекцијата е дека до 2025 истиот ќе се намали на 58,8% од БДП..

Како ќе ја постигнеме фискалната консолидација? Преку:

а. Подобрување на наплатата на буџетските приходи, 
б. Намалување и преструктуирање на буџетските расходи и 
в. Промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.

а. Подобрувањето на наплатата на буџетските приходи ќе се спроведе преку: 

  • мерки за намалување на сивата економија, 
  • мерки за спречување и сузбивање на корупцијата, 
  • зајакнати инспекциски контроли од страна на Управата за јавни приходи, 
  • мерки за наплата на даночниот долг од страна на поединци и трговски друштва, 
  • стратегија за даночна политика која ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на даночниот систем

б. Намалувањето и реструктуирањето на буџетските расходи ќе се спроведе преку: 

  • кратење на неприоритетните и несуштинските трошоци
  • поголема поддршка на приватниот сектор, иновациите и зајакнувањето на конкурентноста, како што е основањето на Гарантниот фонд и Фондот за мобилизација на приватен капитал (пр. Еквити фонд)
  • рационализација и ревидирање на трансферите и субвенциите (социјалните, секторските и локалната власт)
  • Зголемување на ефикасноста на реализација на капиталните расходи и
  • Анализа на буџетската расходна структура со цел рационализација и насочување на расходите таму каде што се најпотребни и даваат најголема корист од јавен интерес.

б1.
Kaj кратењето на неприоритетните трошоци се подразбира пред сè, патни и дневни расходи, трошоци за репрезентација и договорни услуги.

Во наредниот среднорочен период ќе се фокусираме и на намалување на тековните расходи, така што ќе се направи рационализација на истите. Како мерки за рационализација на расходите во јавната администрација ќе ги наведам:

  • Лимитирање на вкупните буџетски трошоци наменети за плати
  • Воведување на ограничување за највисоката плата во јавниот сектор
  • Оптимизација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација
  • Оптимизирање и реорганизација на јавниот сектор
  • Дигитализација на добар дел од јавните услуги
  • Воведување критериуми и стандарди за користење на канцелариски простор од страна на буџетските корисници
  • Вредносни лимити при набавката на мебел
  • Вредносни лимити за набавка на службени возила, вклучително и максимална цена за набавка на службено возило, вклучително и пооправдани економски модели на набавка на возила (пр. оперативен лизиинг)
  • Службени авионски патувања во економската класа

Истовремено овие средства ќе се насочат кон поддршка на стопанството, кон подобрување на иновативноста и конкурентноста, како и надградување на човечкиот капитал.

б2.
Ќе работиме и на подобрување на реализацијата на капиталните расходи со мерки на кус и на среден рок, преку:  

  • Воспоставување на механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година , на квартално ниво - од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи (КАПЕФ, со таргети 15%, 40%, 65% и 100% реализација на капиталните расходи соодветно во првиот, вториот, третиот и четвртиот квартал, односно доколку во текот на кварталот реализираат помалку од таргетот ќе им се одземаат средствата од ставка за инвестиции и алоцираат во резерви за инвестиции, при што квартал со подобра реализација може да значи и враќање на средствата, или истите со Одлука за прераспределба на средства – во Собрание - ќе се пренасочат кај друг проект или буџетски корисник)
  • Усвојување на методологија за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст
  • Основање на одделение за следење на јавните инвестиции во Министерство за финансии
  • Национален Совет за инвестиции со кој ќе прeтседава Претседателот на Владата, а ќе учествуваат ресорните министри
  • Методологија за оценка на реализацијата на капиталните инвестиции преку Smart Key Performance Indicators
  • Довршување и забрзана реализација на крупни инфраструктурни проекти
  • Значително кратење и лимитирање на капиталните расходи за купување мебел и возила

б3.
Кон фискалната консолидација ќе дејствуваме и преку промена на начинот за финансирање на буџетскиот дефицит. Планирано е намалување на задолжувањата и поголема диверзификација на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, така што:

  • Јавниот долг ќе се управува и репрограмира кон пониски трошоци (со можност за издавање на долгорочна развојна обврзница – ковид обврзница со нулта каматна стапка)
  • Ќе се приватизира дел од државниот капитал: дел од акционерските друштва во доминантна или делумна државна сопственост, приватизација на претпријатијата со најголеми загубари, и приватизација на дел од земјиштето во државна сопственост (земјоделско и градежно земјиште) и
  • Ќе се мобилизира приватен капитал во политиките за развој - ќе се финансира реализација на одредени проекти преку јавни-приватни партнерства, како и Фондови за стратешки инвестиции и развој и Фонд на фондови за поддршка на конкурентноста, односно на Фондот за иновации и технолошки развој, Развојната банка на Република Северна Македонија и Агенцијата за инвестиции.

3. План на јавни инвестиции 2021-2025

Во среднорочната рамка на Предлог буџетот за 2021 година, презентиран е Планот за јавни инвестиции 2021-2025 и истиот ќе се следи и координира на највисоко во Владата, односно ќе се основа посебен Национален совет за инвестиции предводена од страна на Претседателот на Владата. Тоа ќе биде во насока на обезбедување на одржлив и инклузивен раст, согласно приоритетите од Програмата на Владата на Република Северна Македонија, во периодот од 2021 до 2025 година, и ќе се фокусира во координација на имплементацијата на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина. Поточно, во периодот од 2021 до 2025 година година се планираат капитални проекти во вкупен износ од 3,1 милијарди евра, од кои со буџетски средства би се финансирале 1,16 милијарди евра, од донации (преку ИПА фондови) 112,8 милиони евра, а со средства од меѓународни финансиски институции/билатерални кредитори капиталните инвестиции би се финансирале со износ од 1,84 милијари евра.

Почитувани,

Предлог-буџетот за 2021 година е буџет за ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст - раст кој треба да биде двојно поголем во однос на изминатата деценија, или во просек 5% од БДП. Со овој буџет поставуваме основи за градење на еден добар систем кој ќе гледа долгорочно, ќе има поголеми капацитети за антиципирање и планирање на политиките и соодветно ќе одговори на различни ситуации создава здрави основи за поголема предвидливост. Новиот систем на финансии - СМАРТ финансии е ориентиран кон стратешко планирање и мерење на резултатите. Ваквите системи се проактивни и даваат резултати.

На крај, да потсетам уште еднаш, се наоѓаме во екот на најголемата светска економска криза од последниот век, период на голема непредвидливост, со голема веројатност во текот на наредната година ќе имаме потреба на ребаланс, но ова е време на тешки одлуки, важни за нашата иднина. Ние се решивме, тие да бидат одлуки за справување со пандемијата, ефектите од истата врз економијата, а воедно да работиме на реформи и инвестираме за побрз раст и подобра иднина за сите граѓани.

Благодарам