Министерството за здравство информира дека во оваа сезона на вакцинација против сезонски грип, за првпат е овозможена бесплатната вакцинација на здравствените работници да се спроведува во нивните матични установи, наместо да одат како и досега во Центрите за јавно здравје. Ќе се опфатат здравствените работници кои пројавиле интерес за вакцинација од јавно-здравствените установи во државата.
На овој начин, вакцината ја направивме подостапна за сите здравствени работници, како една од ризичните категории, чија заштита во услови на КОВИД-19 пандемија е многу значајна.
Во првата испорака до установите се обезбедија 2790 вакцини. Во најбрз рок ќе бидат испорачани и дополнителни количини поради големиот интерес помеѓу здравствените работници.
За потсетување, во вторникот почна вакцинацијата против сезонски грип, а граѓаните можат да закажат термини за бесплатно вакцинирање преку својот матичен лекар. За оваа година, набавени се 40 илјади дози, 12 илјади дози повеќе од минатата година. Трета година обезбедуваме бесплатна вакцинација за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени, здравствени работници и деца до 5 години.
Како никогаш досега, оваа сезона од особена важност е спроведувањето на вакцинацијата против грип кај здравствените работници, со што ќе се намали заболување помеѓу нив и другите даватели на здравствени услуги кои се од суштинско значење во одговорот на коронавирусот.