Доделени стипендии за 125 најдобри студенти по информатика
Министерството за образование и наука денеска им додели стипендии на најдобрите 125 студенти по информатичка технологија од државните и приватните универзитети во Македонија.
Министерот за образование и наука Панче Кралев на свеченоста во Владата им порача на студентите дека стипендиите се доделуваат со цел да се стимулираат за постигнување подобри резултати во студирањето и стекнување знаења компатибилни со светските достигнувања во областа на информатиката. Крајна цел, рече, е развој на млади кадри кои ќе бидат конкурентни на домашниот и светскиот пазар на труд.
- Во глобалниот свет квалитетното образование е најзначаен сегмент за развој и унапредување на општството и иднината на државата. Најсигурен начин за успех и перспектива на младите е инвестицијата во образованието, која има повеќекратен повратен ефект. Квалитетното образование пак, кое подразбира познавање на компјутерските технологии и надградување на компјутерските вештини е предуслов во остварување на амбициите на граѓаните на Македонија, но и на македонското општество. Заради тоа инвестирањето во образованиетон и развојот на кадри од областа на информациско-комуникациските технологии претставува еден од приоритетите на МОН, рече министерот Кралев.
На студентите им се обрати и заменик министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска со порака добро да ги искористат средствата од стипендиите, да се фокусираат во оваа фаза од нивниот живот на градење личен успех бидејќи тие претставуваат лидери на новата иднина кои ќе ги носат стратешките одлуки за развојот на Македонија како високо технолошко информатичко општество.
- Ако целокупниот развој на светот е зависен од развојот на технологијата, ако технологијата има витално значење за севкупниот раст на индустријата тогаш вие сте тие кои ќе ја обликувате иднината преку развојот на софтверски апликации, хардверски платформи, смарт уреди, нови мултимедијални технологии, социјални мрежи, односно еден глобален свет, посочи Арсовска Томовска задоволна што се менува сликата за оваа професија како машка, бидејќи речиси половина од студентите стипендисти се девојки.
Владата од 2007 година, пет години по ред ги стипендира најдобрите студенти со просек над девет на сите државни и приватни факултети по информатика. Досега МОН има доделено повеќе од 600 стипендии. Висината на стипендијата изнесува 5.500 денари, а се доделува девет месеци во текот на дена студиска година.