Изјава за медиумите на ПВРМ Никола Груевски по повод одржувањето на првиот состанок на пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската комисија

Денеска заедно со комесарот Филе го отворивме Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската Комисија.

Пред да ве информираме за прашањата кои ги разгледавме, дозволете ми да истакнам дека Пристапниот дијалог е нова платформа за соработка со Комисијата, која е значајна за нас и со ограничено времетраење.

Почетокот на преговорите за членство во Унијата останува примарна цел и заложба на Владата на Република Македонија и нашите напори ќе продолжат да бидат насочени кон остварување на оваа цел што е можно поскоро оваа година.

Преку Пристапниот дијалог отворивме продлабочена дебата за неколку значајни теми поврзани со Копенхашките критериуми. Главната цел е да се овозможи натамошен евро-интеграциски напредок на Република Македонија и подобра подготвеност за преговорите за членство, кои неизбежно ќе дојдат.

Во поглед на темите кои ги разгледавме денеска со учество на повеќе ресорни министри, би сакал да информирам дека станува збор за пет значајни теми и за секоја од нив заеднички утврдивме конкретни таргети и активности кои ќе ги реализираме во наредните месеци. Темите се:

1. Владеење на правото и основните слободи

2. Реформа на јавната администрација,

3. Медиуми, слобода на изразување во медиуми и професионален стандард,

4. Изборната реформа, и

5. Функционирањето на пазарната економија.

Се работи за области каде веќе имаме конкретни активности. Како илустрација, ќе наведам дека:

-Во делот на медиумите, слободата на изразување во медиумите и професионалниот стандард воспоставивме процес на дијалог со новинарите којшто овозможи приближување на концептите во добра волја и позитивен дух, со цел овозможување на баланс помеѓу слободата на медиумите и новинарската одговорност, и ние изразуваме отвореност и одлучност да продолжиме во овој процес до изнаоѓање на решение прифатливо и во согласност со европските стандарди.

-Во делот на владеењето на правото и основните слободи реформите се доста напреднати. Утврдивме неколку мерки во насока на зајакнување на ефикасноста и независноста на судството и борбата против корупцијата за кои веќе имаме активности кои треба да бидат финализирани.

-Споделуваме став дека стабилната и ефикасна државна администрација е клучна за економскиот растеж и меѓуетничките односи. 

-Во однос на изборните реформи, веќе формиравме Управен комитет на високо ниво и заедно работиме со ОБСЕ/ОДИХР и ЕУ во насока на адресирање на нотираните забелешки и укажувања од последните избори.

-На крајот, усогласивме и повеќе мерки во насока на зајакнување на пазарната економија со цел подобрување на пазарот на труд и образованието, подобрување на деловната клима, зајакнување на економската политика и нејзината примена.

Можам со задоволство да кажам дека дискусиите се одвиваа во конструктивна атмосфера, во која од наша страна ја реафирмиравме силната политичка волја и одлучност на Владата да продолжи во исполнување на таргетите не само во овие области, туку низ целиот спектар на подрачја опфатени со Копенхашките критериуми, а согласно нашата Национална програма за усвојување на правото на ЕУ за 2012 година. Сакам да му се заблагодарам на комесарот Филе и на Европската Комисија за заложбите и подготвеноста да ги поддржат овие наши напори.

Посебно сакам да го истакнам значењето на фактот што во рамките на Пристапниот дијалог, на крајот на овој месец ќе отпочне и Технички Дијалог за поглавјата 23 и 24 од правото на ЕУ. Поглавјето 23 се однесува на Правосудството и Фундаментални права, а Поглавјето 24 е Правда, Слобода и Безбедност. Тоа се клучните поглавја опфатени со сегментот “владеење на правото“ и како такви ќе бидат во фокусот на вниманието во текот на целиот пристапен процес. За останатите теми од Пристапниот Дијалог ќе се реализираат експертски состаноци во рамките на поткомитетите основани согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Пред да го поканам комесарот Филе да ја даде својата изјава, дозволете ми да подвлечам дека Македонија и Европската комисија се партнери во еден историски потфат за нашата земја, а тоа е членството на Македонија во Унијата.

Тоа е предизвик на нашата генерација политичари за чиешто спроведување сите посветено работиме без оглед на ирационалните пречки кои ни се поставуваат на патот. Затоа што членството во Унијата е добро за понатамошниот демократски и економски развој на земјата, за понатамошна промоција и заштита на нашите вредности и култура. Тоа ќе биде добро и за Балканот и за ЕУ, за стабилноста, благосостојбата и просперитетот на нашиот континент во време на глобализација.

Ви благодарам.