Груевски: Мерките за привлекување инвестиции даваат резултат, турски Лимак планира да вложи над 200 милиони евра
Турската компанија Лимак во Македонија ќе вложи над 100 милиони евра само во градежниот сектор, а планира и дополнителни 100 милиони во туризмот, енергетиката и земјоделството, најави денеска премеирот Никола Груевски.
- Тие веќе откупија големо земјиште од Република Македонија имаат развојни планови, планираат да градат хотел со име од еден од меѓуанродните ланци хотели. Ќе градат голем деловен центар од над 90 илјади метри квадратни, станбени објекти - шест згради на 16 ката со над 900 станови, како и други објекти. Покрај тоа, тие ќе ја изградат и подземната сообраќајница во која што ќе вложат значајни средства, рече Груевски по пуштањето во употреба на Лабораторија за дигестивна ендоскопија на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија.
Лимак, како што посочи, е заинтерсирана за инвестирање и во други области - енергетика, туризам, земјоделство,...
- Побараа да им дадеме и да им помогнеме со идеи каде би можело и што би можело да се инвестира. Јас веднаш тоа го направив, дополнително договоривме средби на нивни претставници со претставници на Владата, како би можеле и подетално да навлезат во можните проекти за инвестирање. Секое такво инвестирање во нашата економија се разбира, е и можност за отворање нови работни места и ангажман во градежната оператива во Македноија, потенцира премиерот.
Прашан за коментар за странските директни инвестиции во 2011 година оцени дека бројката од околу 306 милиони евра е одлична имајќи предвид дека во втората половина од годината почна да се чуствува ефектот на европската должничка криза и рецесијата што почна во ЕУ.
- За една таква година со такви проблеми на европскиот континент е одлична бројка. По висината на инвестициите во 2007 од 507 милиони и во 2008 од 430 милиони, ова е трета највисока година по странски инвестиции во историјата на независна Македонија, рече Груевски.
Според него, тоа покажува дека преземаните мерки за привлекување инвестиции како што се поставување промотори насекаде во светот, поставување два министри кои се задолжени за тоа, промени на законите во правец на подобрување на условите за инвеститорите и за правење бизнис во Македонија, инвестиционите промоции коишто ги правиме во различни држави даваат добри резултати.
- Сите тие заедно даваат добри резултати, и се надевам така ќе продолжи иако, оваа година повторно се соочуваме со ефектите од европската должничка криза. Но, правиме се што можеме колку што може тие ефекти да се ублажат и да се привлечат повеќе инвеститори кои што ќе отворат нови работни места, додаде Груевски.