„Еден од најголемите фокуси од областа на економијата ни е енергетиката, и реално овде имаме направено многу. За нас коментираше Европска енергетска заедница дека сме најголеми реформатори во енергетиката и тоа е заради тоа што го донесовме Законот кој ја регулира оваа област, обезбедивме практична имплементација на законот во многу брзи постапки и имаме практични реализации на проекти, во целата таа политика на транзиција, односно да го замениме загадувачкиот ресурс во производството на електрична енергија со обновливи извори на енергија“, рече премиерот Заев на денешното отворање на Самитот „Македонија 2025“ во дебатата во која учествуваше во рамки на панел сесијата на тема: „Светот во време на криза: Економски реформи и глобални односи во Југоисточна Европа “.
Премиерот Заев на дебатата даде повеќе информации во однос на искористувањето на сончевата енергија кај нас во земјата, при што се скратени временските рамки за поставување на фотоволтаици како и постапките за поставување на ветерниците, со цел да се искористат бизнис проектите во овие области, за замена на јаглените централи со обновливи извори на енергија, доминантно фотоволтаици и ветерници, но и гасните централи како и хидро централите, како инвестиции во државата во моментов.
„Поставени се нови 62,5 мегавати фотоволтаици, коишто се во фаза на изградба, по пат на јавно-приватно партнерство. Државата понуди готови локации со обезбедени приклучоци и со трафостаници за да можат да инвестираат инвеститорите. Инкасиравме речиси три милиони евра“, додаде премиерот Заев, информирајќи и за успешно завршена постапка за инсталација на 100 мегавати во Осломеј, и за целта да бидеме прва држава во целиот регион која ќе произведува поголем дел од потребните количини енергија од обновливи потенцијали на државата.
Исто така, покрај другите беа споменати и плановите за изградба на гасна централа во регионот на Битола, каде се планира со тек на време затворање на јаглените термо централи, како и инвестициите во интерконекторите со Грција, Бугарија, Косово, Србија како сериозни инвестиции во енергетиката.