Пуштена во употреба пешачка патека околу Дојранското Езеро
Премиерот Никола Груевски денеска во Дојран ја пушти во употреба пешачката патека во должина од 2.650 метри и во вредност од 54,3 милиони денари.
Предизвикот за развој и афимрација на Дојран како туристичка дестинација, истакна премиерот во своето обраќање, стои пред сите нас. За таа цел, рече тој, треба да приодонесат сите, како Владата така и општината, градоначалникот, бизнис секторот, како и жителите на Дојран. Влдата во изминатите неколку години заедно со градоначалникот Чабулев реализираше повеќе проекти меѓу кои и изградбата на оваа патека.
- Издвоивме околу 53 милиони денари, затоа што знаевме дека овој проект ќе биде доста значаен за Дојран. Како резултат на таа инвестиција пред нас се протега пешачка патека во должина од околу три километри и ширина од 6,5 метри, изјави премиерот.
Паралелно со пешачката патека изградена е и велосипедска патека, а по целата должина на патеката има жардињери, поставени се канделабри и друг вид урбана опрема. Патеката го поврзува центарот на Дојран, населбата Сретеново, кампот „Партизан“, населбата „Стара Мрдаја“, полицискиот камп, одмаралиштето „Пелагонија“ се до границата со нашиот јужен сосед.
Искористеноста на патеката според премиерот, ќе биде од особено значење како за плажите и камповите кои ги поврзува, така и за рестораните, сместувачките капацитети и останати бизниси во нејзина близина.
Премиерот најави дека во еден од најновите проекти на Владата од областа на туризмот чија реализација ќе биде преку Министерството за транспорт и врски е планирана изградба на мали пристаништа на Охридското, Преспанското, Дојранското и на Мавровското Езеро.
- Целта на овој проект е дополнителна промоција на атрактивните тутристички места во земјата и подобрување на условите во внатрешната пловидба на езерата. Овој проект ќе донесе дополнителна атрактивност и во Дојран, рече премиерот.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески најави дека овој месец ќе има објава за 12 нови плажи на Дојранското Езеро. Меѓу другото, тој посочи дека пешачки патеки од овој вид ќе бидат направени и околу Беровското и Велешкото Езеро.
Премиерот Никола Груевски истакна дека објавувањето на оглас за концесионирање на стопански риболов на Дојранското Езеро за домашни и странски компании ќе придонесе за развој на овој значаен сегмент.
- Се надевам дека постапката за месец - два ќе заврши, рече премиерот.
Огласот за концесионирање на Дојранското Езеро е објавен на 14 март.