Во ноември 2020 година имаме значително намалување на бројот на сообраќајни незгоди, особено на оние со потешки последици, рече министерот Оливер Спасовски при денешната посета на Мобилната единица за безбедност во сообраќајот, која е носител на засилените акциски контроли во сообраќајот што МВР ги спроведува од средината на септември.
„По моето враќање во МВР во септември отпочнавме со низа оперативни акции за да ја подобриме безбедноста на граѓаните, а една од акциите е насочена кон подобрување на безбедноста во сообраќајот и пред се намалување на бројот на сообраќајни незгоди со тешки последици. Анализите покажуваат дека како што течат овие засилени контроли, граѓаните се подисциплинирани во однос на почитување на сообраќајните правила и прописи, што резултира со намалување на бројот на сообраќајни незгоди особено оние со потешки последици. Бележиме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во октомври 2020 година, а со поголем процент и во месец ноември оваа година. Се разбира, на намалувањето на сообраќајните незгоди односно подигањето на сообраќајната култура влијаат многу фактори, но ние како министерство во овој период сме посветени да ја завршиме нашата задача и тоа како на превентивен, така и на репресивен план, а евидентно е дека резултатите се видливи и посветени сме и натаму да продолжиме со мерките со цел намалување на сообраќајните незгоди, особено оние со потешки последици“, рече министерот Спасовски.
Во ноември 2019 година се случиле вкупно 714 сообраќајни незгоди, а во ноември 2020 година- 564, што претставува намалување за 21 отсто.
Во сообраќајни незгоди во текот на месец ноември 2019 година животот го загубиле 11, а истиот месец 2020 година седум лица, што претставува намалување за 36 отсто.
Во однос на пешаците како една од најранливите категории на учесници во сообраќајот, за истиот период бележиме намалување за 75% односно во ноември 2019 година загинале четворица пешаци, а во ноември 2020 година - еден.
Бележиме намалување и на бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди односно во месец ноември 2019 година 70 сообраќајни незгоди, а во ноември 2020 година 37, што претставува намалување за 47%.
Од започнување на засилените акциски контроли изречени се вкупно 43170 санкции од кои: 7404 за пречекорување на ограничувањето на брзина на движење, 615 за поминување на црвено светло, 7306 за управување без возачка дозвола, 5829 за нерегистрирани возила, 854 возила за јавен превоз на патници поради техничка неисправност.
„Продолжуваме да работиме интензивно, а, се разбира, сакам и на вас медиумите да ви искажам голема благодарност за соработката и следењето на нашите акциски контроли, со што и вие имате директен придонес за подигањето на сообраќајната култура затоа што само со заеднички напори и континуирано работење можеме да дојдеме до зацртаната цел, побезбедни улици и патишта. Особено сакам да ја потенцирам професионалноста и посветеноста на полициските службеници кои ги спроведуваат овие акциски контроли, како и на тимот кој раководи со акцијата и од нив очекувам иста посветност и професионалност и во наредниот период“, рече Спасовски.