„Во 2019 година го повикав народот на избори да се изјасни дали останува на патот на ЕУ и народот со својот глас покажа кој е патот и дека тој нема алтернатива. Затоа ние немаме друг избор освен да ги побараме сите опции за да постигнеме решенија за отворените прашања со Бугарија за да отпочне процесот за преговори за членство со ЕУ“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во интервју за Слободна ТВ.
„Треба да чекориме напред, граѓаните очекуваат подобро утре. Јас реков, ние сме градители, градиме пријателство. Ние не правиме штета на регионот, ние сме мирољубив народ. Политиката на државата е навистина европска и прифативме дијалог за прашања за кои можеме да разговараме. Во делот на забрзување на спроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство, во делот на имплементација на досега постигнатите заеднички ставови Комисијата за историски и образовни прашања во делот на учебниците во Бугарија и во Северна Македонија. Направивме акциски план, одредени клаузули ги преточивме во меморандум, декларации. Но, има нешто за што не се преговара, како што се идентитетските прашања. Самоопределувањето му припаѓа секому. Тоа им припаѓа на сите како и на Македонците и на сите други европски народи“, рече премиерот Заев во интервјуто за Слободна ТВ и додаде дека Европа мора да остане на своите фундаментални европски вредности, а тоа е да ги негува сите идентитети на европскиот континент.